Вчерашниот изненаден телефонски повик на Владимир Путин со Доналд Трамп, изгледа ги поткопа украинските надежи за добивање ракети „Томахавк“, во пресрет на посетата на Володимир Зеленски во Вашингтон, каде што треба да се сретне со американскиот претседател и да разговара за ова прашање, пренесува „Гардијан“.
Главниот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин го иницирал разговорот со Трамп, при што рускиот лидер го повикал својот американски колега да не ѝ испорачува на Украина ракети „Томахавк“, оружје што Киев одамна го посакува, а кое би ѝ овозможило најдолг дострел досега и би ја ставило Москва во домет.
Ова беше осми по ред разговор меѓу двајцата лидери откако Трамп го започна својот втор мандат во јануари. Во претходни наврати, кога Трамп изгледал подготвен да застане на страната на Киев и неговите европски сојузници, по повик од Путин често следело изненадно омекнување на неговиот тон кон Москва.
