Телефони на преклопување – новата „винтиџ“ опсесија на Генерација Зед

фото: Alexander Andrews на Unsplash

По камерита за еднократна употреба и фармерките со низок струк, најновата „винтиџ“ опсесија на младите од Генерација Зед станаа телефоните на преклопување чија популарност доминираше кон средината на 1990-тите години, пишува Си-ен-ен.

Денес, овие мали и лесни уреди, некои достапни и за само 20 американски долари кај продавачите на Амазон и Волмарт, се појавуваат во видеа на млади луѓе на ТикТок кои се воодушевуваат додека ги отпакуваат кутиите и снимаат упатства за постигнување на заматена естетика на фотографиите преку камерите со низок квалитет.

Она што е најважно е што тие ја сакаат можноста за исклучување од интернет, колку што е можно тоа во 2023 година, пишува Си-ен-ен.

Позирајќи со телефонот на преклопување од брендот „ТЦЛ“ (TCL), пејачката Камила Кабело во четвртокот на Твитер напиша дека е дел од револуцијата на телефоните на преклопување.

И актерката Дов Камерон во едно интервју во ноември изјави дека се префрлила на ваков телефон, затоа што трошењето премногу време на нејзиниот смартфон и гледањето на социјалните мрежи биле лоши за неа. Таа вели дека се исклучила од интернет и се префрлила на телефон на преклопување бидејќи сметала дека нејзиното присуство на социјалните мрежи е „залажувачко“. Ова чувство е распространето меѓу припадниците на Генерација Зед, а неговото влијание е поврзано со кризата на менталното здравје кај тинејџерите, додава Си-ен-ен.

Психолозите велат дека, како што паметните телефони и социјалните медиуми станаа сеприсутни околу 2012 година, така се зголеми и стапката на депресија кај тинејџерите. Помеѓу 2004 и 2019 година, стпаката на депресија кај тинејџерите во САД речиси се удвоила, според Управата за злоупотреба на супстанци и услуги за ментално здравје, која е дел од американското Министерство за здравство и човечки услуги.

Си-ен-ен ја пренесува приказната на Семи Палацоло, 18-годишна бруцошка на Универзитетот во Илиноис и нејзините пријатели, која сега има нова рутина со телефони кога излегува навечер со пријателите. Кога излегуваат, тие ги оставаат паметните телефони дома, а меѓу себе контактираат само преку нивните телефони на преклоп и во текот на ноќта се сликаат со нив, и покрај примитивната камера.

„На забавите луѓето ни велат – ‘Еј, дали е тоа телефон на преклоп?’ и така почнуваме да запознаваме и разговараме со луѓе на кои им се допаѓа тоа“, раскажува Палацоло.

Таа и нејзините пријатели телефоните на преклоп ги набавиле од локална продавница на Волмарт и сега на ТикТок ги охрабруваат и другите тинејџери да купуваат вакви телефони, преку видеа со милиони прегледи и преку хаштаговите #BRINGBACKFLIPPHONES и  #y2kaesthetic.

Од компанијата „ХМД Глобал“, која е ексклузивен носител на лиценцата на мобилните телефони „Нокиа“, за Си-ен-ен велат дека Ген З е невообичаена демографија за компанијата.

„Тоа е генерација која немаше ‘Нокиа’ како прв телефон и веројатно го откриле нашиот бренд преку социјалните мрежи. Оваа промена ја припишуваме на многу корисници на паметни телефони кои почнаа да препознаваат дека поминуваат премногу време залепени за нивните уреди и имаат силна желба да се исклучат и да бидат ‘целосно присутни’ за да го подобрат квалитетот на нивните социјални врски“, велат од компанијата.

Една од причините зошто припадниците на Ген З копнеат по ерата од 1990-тите и 2000-те години можеби е желбата за приватност и отсуство на внимателно подготвени слики. Си-ен-ен овде ја спомнува и апликацијата „Би Риал“ (BeReal) каде корисниците еднаш дневно прават и објавуваат неуредувани селфи фотографии.

Меѓународната корпорација за податоци во 2022 година соопшти дека се очекува пазарот на телефони на преклопување да достигне 29 милијарди долари во 2025 година, со годишен раст од 70 отсто.

Некои брендови, меѓу кои и Самсунг, започнаа со производство на паметни телефони на преклопување. Самсун досега испорачала над 10 милиони уреди од појавата на првата генерација на вакви модели.