Течноста што вчера попладнето истече од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор е најверојатно мазут, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој информира дека тоа го потврдиле и од компанијата каде што настана хаваријата, наводно поради истекување на вентил под притисок. Во текот на вчерашната контрола, која ја направиле инспекторите на Град Скопје, биле земени и примероци од страна на акредитирана лабораторија, која ќе треба да испита точно за каква течност се работи, а кога ќе бидат познати резултатите ќе биде известена и јавноста.
Според Ѓорѓиевски, Фирмата „Екопор“ поседувала решение и елеборат издаден од Градот Скопје во декември 2021 година и работи со производство на стиропор. Во текот на вчерашниот ден, веднаш откако било забележано излевање хемикалии во индистриската зона во населбата Пинтија, на терен излегле инспекциските служби на општината и Градот Скопје, ја констатирале ситуацијата и земале примероци од течноста.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера изјави дека компанијата „Екопор“ и претходно била опомената за проблеми со истекување од вентил под притисок, но не преземала мерки и покрај инспекцискиот извештај во кој бил забележан проблемот. Инспекторите од Град Скопје вчера биле на местото на настанот со екипа на Протипожарната бригада и составиле записник за хаваријата за која следува парична казна за сторителот од 45.000 евра, затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот.
„Вчера во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата. И покрај инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата“, информираше Арсовска.
Таа ги повика Министерството за животна средина и општината Кисела Вода да постапат и да ја санкционираат компанијата која ја предизвика хаваријата. Градоначалниокот Ѓорѓиевски, пак, вели дека надлежноста е на Градот Скопје, кој е издавач на решението и елаборатот за компанијата.
„Надлежноста е на Градот Скопје, што го потврдува фактот и дека тие излегоа на терен, направија записник, доделија казна и повикаа лабораторија. Општината излезе во пресрет со обезбедување на пилевина од дрво со која треба да се упие течноста, која веројатно е мазут, што потврдија и од компанијата“, посочува Ѓорѓиевски.
Тој смета дека опасност за жителите од околината и пошироко нема, бидејќи и коловозот веќе е посипан со ситен песок за да се избегне лизгање, а штом целосно се исчисти течноста, улицата темелно ќе биде измиена.