Извор на фотографија: АД ЕСМ

Во ТЕЦ „Неготино“ завршуваат сервисните и ремонтните активности и електраната се подготвува за враќање на мрежа на почетокот на декември, информираат од АД ЕСМ.

„Проверките и санирањата ги изведуваат вработени во термоелектраната, домашни стручни лица и стручен тим од Украина, односно од производителот на опремата вградена при изградбата на термоелектричната централа“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.

Тие додаваат дека во завршна фаза е санирањето на намотката и статорското јадро на турбогенераторот, а се завршува и контролното електрично испитување на намотката, по што ќе се пристапи кон затворање на турбогенераторот и ќе се извршат завршни контролни електрични испитувања и заптивноста на истиот.

Од АД ЕСМ велат дека вклучувањето на термоелектраната на мрежа е планирано за почетокот на декември, при што во првиот кус период ќе работи со еден котел, а потоа и со вториот котел, согласно протоколите за работа.