Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп одбележува 72 години од формирањето

фото: Народен Театар Војдан Чернодрински / Фејсбук

Театарот „Војдан Чернодрински“ денес одбележува 72 години од своето формирање. Годишнината ќе биде одбележана со изведба на претставата „Да инспекторе, Претстава со грешки“ во режија на Синиша Ефтимов, со почеток од 19:30 часот вечерва на матичната сцена.

Првата претстава на театарот, „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, била одиграна на денешен ден во 1950 година.

„Оттогаш, разните генерации актери, вооружени со елан, самопожртвување и творечки занес го покренаа „плугот да ја ораат театарската ледина“, уверени дека ангажманот ќе даде плод. Така и би. Низ годините се ределе премиерите еднаподруга, се нижеле успесите и падовите на театарот, а колективот се збогатувал со искуство во катадневната пракса. Денес е ансамбл со врвни актерски имиња“, велат од НУЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп.

Театарот прикажал над 360 премиери, изиграл над 7000 претстави кои ги гледале над 1,6 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави се „Солунски патрдии“ од Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“, исто во режија на Ангеловски, кои биле играни повеќе од сто пати.

„Сепак претставата „Тапани во ноќта“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, го крена во висините театарот и беше бренд не само на македонскиот театар, туку и на балканскиот. Со „Тапаните во ноќта“ театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодримски“, а претставата „Кафкаскиот круг со креда“, режија на Мартин Кочовски во 2011 година, беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот ЕХ Понто во Љубљана, Словенија“, додаваат од Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Во „Војдан Чернодрински“ за првпат биле поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески- Платнат, Трајче Крстески и Петар Петрески.