Театар во време на корона: Драмски може да прими најмногу 62 постители на претстава, а МНТ до 120

Фото: Kilyan Sockalingum, Unsplash

Неодамна повторно се отворија театрите кои поради пандемијата, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, во март мораат да стават клуч на вратите. Овој пат, со нови услови за работа актерите се вратија на сцената. Со новите препораки, културни настани на затворено може да се организираат со 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители. Во македонските театри предвидено е на една претстава во просек да присуствуваат по околу 100 посетители, во зависност од салата.

Од Драмскиот театар во Скопје за Мета.мк велат дека во нормални околности, имаат можност да примат 333 гледачи во големата сала, но со новиот протокол за одржување на настани во затворен простор капацитетот на театарот е сведен на 62.

„Протоколот дозволува исполнетост на салонот од 30 отсто, но поради близината на редовите и седиштата во нашата куќа, ние не сме во можност да го исполниме условот за раздалеченост од 1,5 до 2 метра, па нашиот капацитет, за жал, е сведен на 20 отсто“, појаснуваат од Драмски.

Оттаму велат дека во моментот реализираат две претстави кои се префрлени од мала на голема сцена бидејќи истите се со помал број на актери и е поедноставно да се адаптираат со новите протоколи за работа. Засега планираат по две претстави во неделата, а доколку условите се подобрат нивниот број ќе се зголемува.

„Сегашниот протокол за работа не нè кочи во однос на бројот на изведби на театарски претстави во текот на денот/неделата, доколку сме во можност да ги одржиме мерките кои произлегуваат од истиот (дезинфекција на сцената и гледалиштето и сл.). Но, сепак треба да започнеме со репертоарот и да го видиме и интересот на публиката за театар, па да процениме дали бројот на претстави ќе го зголемиме или намалиме“, велат од Драмски.

Ситуацијата со Македонскиот народен театар (МНТ) е поразлична, бидејќи таму дозволениот број на посетители е двојно поголем, односно 120. И таму театарските претстави се префрлени од мала на голема сцена.

„Со оглед на тоа што е препорачано да се играат претстави со максимум 3 до 4 актери, ние се одлучивме да ги ставиме на репертоар трите претстави од малата сцена, на голема сцена. Со тоа актерите ќе имаат поголема дистанца меѓу себе, а ќе ја имаат и пропишаната дистанца од гледачите кои ќе бидат во првиот пополнет ред“, изјавија од МНТ, додавајќи дека овој месец овие претстави ќе имаат шест изведби, што ќе им биде показател за репертоарот за во ноември.

Од театарот велат дека во моментов нема услови за повеќе од една претстава на ден, бидејќи местењето, играњето и растурањето на претставата одзема 3 часа, а сè останато е дезинфекции пред и по изведбите. Што се однесува до бројот на претставите дали ќе се намали или зголеми, тие велат дека тоа најмногу ќе зависи од актуелната состојба и она што ќе го предложи Комисијата за заразни болести.

Во театарот во Битола пак, слободни се 124 од целосниот капацитет на 418 седишта за следење на претстава. Како што изјавија оттаму, може да се пофалат со две до три претстави неделно или на месечно ниво од 10 до 14 претстави. И од битолскиот театар велат дека ќе ја следат ковид состојбата, па согласно тоа ќе менуваат распоредот на претстави.

Од Театар Комедија со репертоар ќе започнат на 24 месецов со претстава која ќе може да ја следат 54 лица. Иако ова не е половината од капацитет со кој располага театарот, сепак тоа е максималниот број ако се почитуваат протоколите за држење дистанца од 2 метри.

„Задоцнувањето на  почеток на новата театарска сезона во втората половина  на месец октомври се должи на подготовката на новата претстава која ќе биде во знак на ковид–19 и ќе остане запаметена во ова време – невреме“ вели директорот на театарот, Сашо Ристовски.

Тој појасни дека предвидено е да се одржат две претстави неделно, односно осум месечно. Имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот, можно е дополнително да се намали бројот на претстави.

Од тетовскиот театар пак, велат дека ќе работат две претстави месечно. Тие претставите не ги одржуваат во своја зграда туку во салата во Центарот за култура Тетово, каде што може да присуствуваат 180 посетители.

„До крајот на оваа година се предвидени три претстави, но по барање на Министерството за култура, едната претстава нема да се реализира“, посочуваат од тетовскиот театар.

Народниот театар Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес пак, согласно протоколите може да прими најмногу 80 посетители, а репертоарот кој е достапен на нивните официјални гласила се одвива без никакви пречки, велат оттаму во изјава за нашата редакција.

Мета.мк претходно пишуваше за театрите кои додека го чекаа зеленото светло за отворање, размислуваа за претстави на отворено.

Во меѓувреме разговаравме и со дел од културните работници во врска со последиците од пандемијата, со какви предизвици се соочија и како ја гледаат иднината на театарот. Она што е заедничко за нив е што сите го делат поривот за создавање без оглед на условите. За пандемијата се согласни дека е можност за трансформација и промена, но не и изговор за пауза во процесот на творење.