Аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома – во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија, предупредува за лажни страници и профили на социјалните мрежи преку кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром Скопје.
Од таму алармираат дека корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски картички, со цел граѓаните да бидат измамени и да направат трансакција.
„Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром Скопје, односно аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, а понатаму, корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки со цел да бидат измамени да направат трансакција“, се вели во соопштението на ТАВ Македонија.
Од ТАВ апелираат граѓаните да бидат внимателни додека се онлајн, особено кога се бара да ги вметнат своите лични податоци и детали за трансакциски сметки, кои може да бидат дополнително злоупотребени.
Операторот потсетува дека во аеродромската дејност, изгубениот багаж им се враќа на сопствениците согласно утврдена процедура, а со изгубениот багаж никогаш не се тргува.
ТАВ Македонија ги упатува граѓаните сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром во Скопје да ги следат на нивната веб-страница, како и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
„Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои луѓето може да наидат, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром Скопје и дејноста на ТАВ Македонија“, велат од аеродромскиот оператор.