Таткото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, Срѓан Ѓоковиќ, е фотографиран како на „Австралија Опен“ се фотографира со поддржувачи на Владимир Путин, пренесува „Гардијан“.
Четворица мажи биле протерани од паркот во Мелбурн од страна на полицијата вчеравечер откако извикувале про-руски слогани со поддршка на Путин на скалите на арената „Род Лејвер“ додека вееле руски знамиња, вклучително и едно со ликот на Путин на него.
Пред да бидат избркани поддржувачите на Кремљ, Срѓан Ѓоковиќ се сретнал со обожавателите пред арената и се фотографирал со гледач облечен во кошула со симбол „Z“, додека веел руско знаме со голема фотографија од Путин.
Во видеото објавено на каналот „Оси Козак“ на Јутјуб, се чини дека Срѓан Ѓоковиќ вели „да живеат руските граѓани“, пред да замине.
Човекот со кој се сликаше таткото на Новак Ѓоковиќ е облечен во кошула на која се наоѓа и логото на руската моторџиска банда „Ноќни волци“, и тој својата видеопорака ја започнува со поздравување на меѓународниот претседател на бандата Александар Залдостанов. Золдостанов важи за личен пријател на Путин и за него се смета дека минатата година беше погоден од санкциите на Европската Унија (ЕУ).
Пред натпреварот, Симеон Бојков, кој го води Јутјуб каналот „Оси Козак“ ги повика поддржувачите на Путин да присуствуваат на настанот за да го „возвратат ударот“ на Тенис Австралија, откако австралискиот тениски орган ги забрани руските знамиња на „Австралија Опен“ по инцидентот за време на натпреварот од првото коло меѓу Украинката Катерина Баиндл и Русинката Камила Рахимова, кога гледачите се појавиле со руски знамиња.
Бојков е обвинет за напад на 76-годишен маж на митинг за поддршка на Украина во Сиднеј, а неделава против него беше распишана потерница. Во моментов, како што пишува „Гардијан“, Бојков бара засолниште во рускиот конзулат.
По објавувањето на фотографиите со Ѓоковиќ, Тенис Австралија ги предупреди играчите и нивните тимови „да не користат забранети знамиња“.