Незадоволни од судска одлука на фудбалски натпревар во Штип, петнаесетгодишник и неговиот татко со тупаници и клоци се пресметале со двајца фудбалери на терен, што е причина за одредување итна мерка притвор за таткото, информираат во Основното јавно обвинителство. Инцидентот се случил на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.

„Со дејствијата, осомничениот ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Настанот се случил во 89 минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација“, наведено е во соопштението од Овинителството.

Како што се наведува, на игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.

„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото“, се наведува во соопштението.

За овој случај информираше и МВР, од каде што велат дека веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош.

„Во врска со настанот во СВР Штип, во присуство на родители и претставник на Центар за социјални работи Штип, бил извршен службен разговор и со двајца малолетници од Скопје, фудбалери на екипата на ФК „Шкупи“. Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави“, се вели во соопштението на МВР.