Јас ставив незаслужени петки, јавно признавам, но ковидот ме услови да ги разгалам децата. Заради болни амбиции се „штанцаат” комерцијални оценки, купопродажни образовни пакети и вештачки успеси, па затоа, каков систем – такво образование.
Ова е ставот на професорката по македонски јазик Татјана Алексиќ во „Раде Јовчевски – Корчагин“, во однос на изненадувачки малиот број ученици кои биле оценети со 5 на квалификацискиот тест што неодамна се спроведе во гимназијата „Орце Николов“, а кој беше потребен за да се изврши селекција на кандидатите за упис. Тој тест покажа дека само 3,8 отсто (11 ученици) од скроз одличните кандидати, добиле 5 на тестот, 39 ученици или 13 отсто добиле оцена 4, тројки добиле дури 133 од оние кои полагале или 45,5 отсто од учениците, оцена 2 добиле речиси 24 отсто (70) од одличните ученици. Недоволен успех покажале дури 13 отсто (39) од скроз одличните ученици. Ова според познавачите, укажува на тоа дека добар дел од оцените на учениците во основното образование им биле подарени.
Се обзнани она што се турка под чергиче
Многу реакции предизвикаа резултатите од квалификацискиот тест во „Орце Николов“ на социјалните мрежи. Прашавме неколкумина професори на што се должи ова и дали овие резултати се сликата на системот на оценување кој укажува на тоа дека нештата очигледно мора да се менуваат.
„Им се извинувам на реалните петки што не можам да им ставам десетки, со патетична реченица ‘таков ни е системот’. Минималниот процент на петки при квалификациониот испит за упис во „Орце Николов“ е објективно оправдан показател, така и треба. Кога бев гимназијалка во „Орце Николов“ во класот имавме 5-6 скроз одлични сите четири години и тие беа капацитети, генијалци. А генијалноста е ретка“, вели професорката Алексиќ.
Благодарение на квалификациските испити во „Орце Николов“, според неа, се обзнанило она што е познато, а што се турка под чергиче.
„Мислевме дека со екстерните тестови ќе се спасиме од ургенции, но тие отидоа во погрешна насока и цел, не ја оправдаа идејата од веќе познати причини“, додава Алексиќ.
Таа решение гледа во обезбедување услови за јакнење практична настава и вработување на средношколците по завршено средно стручно.
„Дури тогаш ќе олабавиме со врскаџискиот систем ‘некому мајка – некому маќеа’, а учениците и родителите ќе ги прифатат реалните оценки без болни амбиции. Сѐ додека вештачки се билда успех, лажно се пропагира со хиперпродукција на високообразовни кадри, се плаќаат научни трудови и лажни дипломи, ќе биде вака“, додава таа, нагласувајќи дека може да се манипулира со незнаењето и да се камуфлира извесно време, но не може тоа да се прави на подолг рок затоа што знаењето и талентот бргу се препознаваат.
Резултат на децениското маргинализирање на образованието
Елизабета Секирарска, професорката во кумановската гимназија вели дека ако се појде од фактот дека од 292 апсолутно одлични ученици, само 11 го поминале тестот со одличен успех, а најголем број од учениците на тестирањето покажале добар и доволен успех, и ако на статистикава се додаде и не така малиот број на слаби оценки, 39, се отвораат многу прашања.
„Проблемот можеме да го лоцираме на бројни адреси. Она што мене ми испливува на површина е фактот кој подразбира децениско маргинализирање на најсуштествената општествена сфера – образованието. Под тоа се подразбира децениско реформирање кое не дава резултат, започнување од почеток со секоја нова гарнитура и невклучување на фелата во виталните аспекти преку кои системот функционира“, смета Секирарска.
Ова што сега се случува, додава таа, постои поодамна, само што сега станува видливо и дефинира сериозни воспитно-образовни утки на сите чинители.
„Системот дефинира оценки кои немаат зад себе сознаен габарит. Системот е оптоварен со импровизации кои за жал, и децата ги научија. Не се бара од нив знаење. Доволни се притисоците од родителите и некои други структури, кои никако да сфатат дека со тоа му одмагаат на детето“, вели Секирарска.
Според неа, нештата се помешани, вредностите се деградирани и сè додека не се соберат сили да се направи сериозен општествен рестарт, ќе талкаме и ќе се изненадуваме од ваквите неуспеси.
„Многу е тешко да се издржи притисок во атмосфера во која вредноста се мери на погрешен начин. Ќе завршам со тоа што ќе кажам дека за мене ова е своевиден повик за помош од страна на децата и вината во никој случај не е кај нив“, додава таа.
Решението е во новата концепција за основното образование?
Проф. д-р Кирил Барбареев е еден од клучните експерти кој работеше на новата Концепција за основно образование, која меѓудругото, предвидува и поинаков начин на оценување. Во врска со слабите резултати од квалификацискиот тест во „Орце Николов“, тој вели дека не е изненаден од оваа ситуација.
„Оценката е определување на вредноста, суд за вредноста. Како ја создаваме и креираме вредноста во нашето општество започнува од тоа колку јасно, објективно и вистински ги воспитуваме и образуваме учениците за реалната вредност која ја постигнуваат. Како работна група, кога работевме ги имавме предвид сите овие ситуации во системот и понудивме реални решенија. Но, за жал мислам дека премалку се разбра суштината на промените, како и концептот на оценување кој го има како посебен дел во Концепцијата“, вели проф. Барбареев.
Како што тој појаснува, таму јасно стои дека е потребно воспоставување јасни критериуми за оценување, кои се јавно достапни, со кои се обезбедува транспарентност на оценувањето.
„Што е клучно: Наставните програми правени според новата Концепција содржат стандарди за оценување кои ги конкретизираат очекуваните резултати од учењето на секоја тема/содржина вклучена во секој предмет одделно. Оценката треба да е придружена со соодветно образложение и напредокот на ученикот да е документиран преку неговите трудови, само така ќе се намали и можноста за непринципиелни влијанија врз оценката и следствено на тоа, зголемена е објективноста на самата оценка“, појаснува тој.
Конечно, критериумите за оценување ќе бидат објективни доколку се изведуваат од стандардите за оценување. Ако не се почитуваат стандардите, се влегува во импровизации, оценува професорот.
„Клучната причина зошто е многу важно оценките да бидат објективни, односно да се базираат на критериуми за оценување и да може да го изразуваат вистинското постигање на учениците е во тоа што овозможуваат лесно прикажување на резултатите од учењето на ниво на паралелка, училиште, држава и треба да се користат за различни видови анализи кои ги поставуваат основите за креирање на образовните политики. Како, на пример, анализите на успехот по наставни предмети, по возраст, по јазик во наставата и во релација со други социодемографски карактеристики“, потенцира Барбареев.