„Правилниците се прават по потреба. Ако тој што треба да го вработат е стоматолог, ќе го сменат правилникот за да го вработат“, вели Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнел – Македонија“, која денеска ги објави резултатите на прелиминарната анализа на легислативата за вработување во јавниот сектор. Во 19 анализирани закони и два подзаконски акта, „Транспаренси“ и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откриле 46 „точки на ранливост“ – дупки кои оставаат можност за коруптивно однесување. Најчесто се рабтои за законски недоречености или судири на различни закони кои оставаат можност за дискрециско постапување. Фокусот на анализата биле можностите за непотизам, кронизам и клиентелизам оставени со законските слабости.

– Во системот имаме пропусти. Во законите се внимавало да се остави простор за оние кои се на власт. Постои длабок системски проблем кој довел до тоа овие проблеми, прво вградени во два системски закони, понатаму да се провлечат и во другите закони – објаснува Тасева.

За кроењето на регулативата по мерка, Тасева даде пример на подзаконски акт кој бил изменет 40 пати за 5 години. Се менувало по едно зборче во условите за вработување, во зависност од личноста која требало да биде вработена.

Слични забелешки се изнесени и во функционалната анализа на УНДП на јавната администрација, објавена во мај лани.  Меѓу 11 клучни наоди и 28 препораки, во анализата се наведува и дека речиси една петина од институциите во јавниот сектор се премали за да функционираат, а постојат за да се вработуваат партиски кадри, но и дека дел од административците воопшто не одат на работа. Документот изработен по налог на УНДП препорачал и кратење на бројот на институции.

Прелиминарната анализа на „Транспаренси“ е прва фаза од проект кој треба да ги утврди системските слабости кои доведуваат до непотизам, кронизам и клиентелизам во вработувањето во јавната администрација. Во проектот учествува и ДКСК, која ја подготвува и Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси, а резултатите се споделени и до Мининстерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кое работи на Стратегија за реформа на јавната администрација. Во следните фази преку интервјуа ќе се утврдува фактичката состојба со вработувањата, а онаму каде што имало чести измени на подзаконските акти, ќе се врши анализа на вработувањата.

Според Тасева, меѓу најголемите проблеми во вработувањето во јавната администрација се и можноста за вработување преку агенции за привремени вработувања, кои потоа без постапка се трансформираат во трајни вработувања, непрецизирани постапки, нестандардни критериуми и други законски недоречеости кои овозможуваат дискреција во одлучувањето.