Министерот за здраство и вицепремиер Арбен Таравари утрово имаше изјава за медиумите пред ургентниот центар во Скопје каде што ја информираше јавноста дека до сега се поминати 72 часа и нема ниту еден починат од тие што ја преживеаа трагедијата во Кочани.
Вкупно се третираат 178 пациенти низ различни установи. Од тие 64 се во болниците низ Македонија, 13 од нив се во приватните болници. Останатите 101 пациент се во повеќе установи надвор од Македонија во повеќе земји.
Таравари изјави дека сите 178 пациенти кои што се хоспитализирани се во релативно стабилна состојба и се надева на брзо закрепнување на сите, со тоа што повторно потенцираше дека нема нови починати.
Денеска ќе се оддржи последниот транспорт на пациенти од Македонија во странство каде што 5 лица ќе заминат во Шведска. Со ова ќе заврши пренесувањето на пациенти надвор од земјата, најави министерот за здравство.
Таравари и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера ги посетиле сите пациенти во сите установи кои што се лекуваат во Грција и Бугарија. Таравари изјави дека при посета на сите пациенти во двете земји присуствувале според правилата, со целосна заштита.
Тој не сакаше да го коментира фактот што претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги посети повредените во Белград заедно со новинарски екипи, при што на момент ја извади и маската. Таравари вели дека при неговите посети бил правилно облечен со заштитна облека како што е предвидено според болничките протоколи заради заштита на пациентите.
Додаде оти од болницата во Штип веќе од утре 2 пациенти ќе бидат пуштени на домашно лекување, само еден ќе биде задржан подолго.