На новинарско прашање дали Министерството за здраство ги има листите на жртвите од трагедијата во Кочани и зошто тие сè уште не се објавени, министерот за здравство и вицепремиер Арбен Таравари одговори дека министерството има само листи само на хоспитализирани пациенти, а листите на починати ги немаат.

„Ние како кризен штаб функционираме за пациентите што беа донесени во болниците, и ги имаме по имиња и презимиња, известени се семејствата, организирано е надвор од државата и тука да се лекуваат во најдобрите установи. За семејствата за надвор обезбедивме и превоз и сместување, ова беше одлука на владата. За тие што се починати искрено ние како МЗ ги немаме информациите. Ги имаме листите за пациентите, и сите се добро“, изјави Таравари.

Ова доаѓа откако во јавноста се појавија дузина непоттврдени информации дека бројот на починати во и од несреќата е поголем од официјалнат бројка на починати 59. Објавата на списокот на починати би ги демантирала овие непотврдени информации.

Таравари, исто така, на денешното обраќање до медиумите посочи дека сите повредени од трагедијата во Кочани се надвор од животна опасност, и бројот на пациенти со критична состојба се намалува. Вчера во критична состојба биле 20 пациенти, денес бројката е намалена на 10.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациенти, а надвор од државата 101 пациент. Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани на домашно лекување, а утре се планира да бидат испишани уште три пациенти.

„Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави“, истакна Таравари.

Таравари иако претходно рече дека вчера ќе се случат последните испраќања на пациенти од државата, денес истакна дека можно е во наредните денови да се испратат 10 нови на лекување во странство, но доколку е навистина потребно.

„Можеби максимум десет пациенти да се испратат надвор од државата, а можеби и не. Добиваме понуди од повеќе земји од странство, но треба да одлучиме дали тоа ќе биде потребно“, посочи Таравари.