Таравари: Им се влошува состојбата на неколкумина од петтемина пациенти што се лекуваат во странство

Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, рече Таравари

Фото: Мета.мк

Во странство се лекуваат 115 пациенти, од кои за жал петмина се во посериозна состојба, некаде има влошување, но нашите колеги од странство даваат максимум за да го поминат овој тежок период, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Тој информира дека денеска 12 пациенти од оние кои се лекуваат во скопските болници се пуштени на домашно лекување.

„Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти. Во моментот се вкупно 39 пациенти хоспитализирани во нашите болници, од кои 12 пациенти во Клинички центар, 10 пациенти во Стара градска болница, 10 пациенти во ГОБ „8 Септември“ и во приватните болници 7 пациенти. Со пуштањето на домашно лекување на 12 пациенти, практично ќе останат 27 пациенти во болниците тука (на детска хирургија каде што имаше двајца пациенти, нема да има ниеден, и остануваат пациенти само на пластична хирургија и токсикологија)“, информира Таравари.

Министерот информира дека најверојатно еден пациент денес се враќа од Белград, за кој посочи дека е во добра општа состојба и минимум 24 часа ќе престојува на некоја од клиниките и ќе биде направена тријажа.

„Екипи од пластична хирургија денес веќе се на пат за Кочани каде треба да дадат помош на пациентите со изгореници кои се пуштени на домашно лекување. Екипите ќе дадат професионална поддршка таму, без да треба овие пациенти да патуваат до Скопје. Покрај ова, има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, а во следните денови ќе известиме каде ќе може да бидат сместени тие пациенти доколку имаат ваква потреба, истакна Таравари.