Фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија е единствената која се пријавила на распишаниот повик, а ќе стопанисува со паркингот во Клинички центар, иако не знам какво портфолио има, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, по информациите дека 20 години оваа фирма ќе стопанисува со паркингот на Клинички. Таравари рече дека го интересирало само дали фирмата ги исполнува условите.
„Договорот за користење на паркингот на Клинички центар не е потпишан, а треба да помине и филтерот на Влада, но ако и од таму и од јавноста се смета дека договорот не треба да се реализира, нема да биде потпишан“, изјави денеска Таравари на денешниот настан на Клиниката за инфективни болести, за промоција на нова опрема и реновирање.
Тој кажа дека лично мисли дека Клиничкиот центар нема да биде на локацијат на која се наоѓа после од 7-8 години од сега.
„Ние сме го ставиле и тоа како услов, сме рекле дека Клиничкиот центар ќе биде тука не повеќе од 7-8 години. Затоа интересот на компаниите беше мал, да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа“, рече Таравари, кој потенцира дека ако албанската фирма не ги помине владините филтри, пак ќе биде објавен јавен оглас.
Според него, понудената цена за еден час паркинг од 50 денари, не е висока, а инаку сега таа е 30 денари.
„Зголемувањето на цената го оправдува со тоа што цената одела на аукција и таа била понудена. Сметам дека не е превисока за Скопје. Тука имавме возачи кои ги остава аавтомобилите овде и потоа после излегуваа во град. Имајќи предвид и какви се цените мислам дека цената не е лоша. Најдобро е 0 денари да биде, ако најдете таков понудувач, одлично ќе биде. 50 денари мислам дека е пристојна цена, затоа што пред „Нова Македонија“ е 40 денари. Не е цена која е многу висока, таа беше дадена на аукција. Во Скопје има цени кои се 100 денари, 150 денари“, додаде Таравари.
Ако се потпише договорот, „Ѓока констракшн“ иа обврска да изгради катни гаражи за шест месеци до една година, но Таравари и за ова не беше сигурен.
