Танцов перформанс „Ми треба ново тело“ в среда во МКЦ

Фото: Организација „Тииит! Инк.“

В среда во Младинскиот културен центар (МКЦ) со почеток во 20 часот, премиерно ќе се изведе танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска. Ова е дел од програмата на овогодинешното 47. издание на МОТ во соработка со фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско 10“ и Локомотива, центарот за  нова иницијатива во уметноста и културата.

„Ми треба ново тело“ ќе се одвива помеѓу телото како изложување и телото како ресурс, барајќи го местото каде што овие две се вкрстуваат. Концептот и кореографијата на „Ми треба ново тело“ се на Викторија Илиоска во разговор со Настја Ѕубан и Лаура Стелачи, а изведувачки се Викторија Илиоска и Настја Ѕубан“, информираат од организацијата „Тиииит! Инк.“.

На 17 ноември на пладне, во киното киното „Фросина“ во МКЦ ќе има и разговор со уметницата Викторија Илиоска наречен „Дијалог кој недостасува“, чии модераторки се Кристина Леловац од „Прво, па женско 10“ и Билјана Тануровска-Ќулавковски од „Локомотива“.

Десетото издание на Фестивалот „Прво, па женско“ е поддржано од Шведска и фондацијата „Квина тил квина“, „Фрида“ – младинската феминистичка фондација,  потоа, фондацијата „Зигрид Раусинг Траст“, како и од Министерството за култура.