Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Многу интересна ситуација се разви викендов во соседна Србија, откако државната новинска агенција „Танјуг“ објави дека угледниот весник „Фајненшел тајмс“ во свој текст ја пофалил српската економија, а сервисот за проверка на фактите и борба против дезинформациите raskrikavanje.rs утврди дека не станува збор за весникот, туку за магазин што го издава издавачот на „Фајненшел тајмс“, но и дека станува збор за платен текст.

Потоа „Танјуг“ го нападна raskrikavanje.rs дека лажно го обвинува и покажува незнаење, и порачал дека во својата вест не навеле дека текстот бил платен од Србија, бидејќи сметале оти тоа не е важно. Но, премолчувањето дека нешто е платен текст, односно комерцијален оглас, е против сите новинарски стандарди, оти станува збор за пропаганда.

Текстот, кој бил пофалба за српската економија, и „Танјуг“ и низа други медиуми погрешно го припишале на британскиот весник, иако тој всушност бил објавен во магазинот FDI, којшто го објавува фирмата издавач на „Фајненшел тајмс“, но не навеле дека за неговото објавување платиле Министерството за финансии на Србија, Стопанската комора на Србија и неколку општини. Ниту еден медиум што ја објавил веста не навел дека станува збор за спонзориран текст.

Од „Танјуг“ реагирале на написот на raskrikavanje.rs при што напоменале дека тоа што текстот бил спонзориран не им било посебно важно, оти се потпреле на „дисклејмерот“ што FDI го објавил со текстот, а во кој е наведено дека текстовите и уредувањето е независно дело на FDI.

Од сервисот за борба против дезинформациите велат дека тие го анализирале извештајот што бил објавен во печатеното издание, на шест страници, и кое било достапно само со плаќање, а не скратената верзија на интернет, која може бесплатно да се чита.

Raskrikavanje.rs контактирал со уредничката на FDI и со новинарот кој го пишувал текстот, при што новинарот тврдел дека фактот што за пофалничкиот текст платила државата Србија, не влијаело за позитивниот тон во текстот. Дополнително, од FDI порачале дека ќе размислуваат да преземат правни мерки против оние што нивниот текст го припишале на „Фајненшел тајмс“.

FDI е магазин наменет првенствено за менаџерите и инвеститорите, а го покрива полето на странските инвестиции, преку вести, истражувања и анализи. Но овој магазин истовремено врши и рекламирање на одредени локации за инвестирање.