fbpx

Талески од куќен притвор се заканува со тужби против новинари

-

Градоначалникот Владимир Талески, кој е првоосомничен во случајот „Транспортер“, од куќен притвор му се заканува со тужба на новинарот од Битола, Симе Алушевски, издавач на весникот „Его“. Во заканите против новинарот, на Талески му се придружил и секретарот на Општина Битола, Слободан Бончановски, кој исто така е осомничен во истиот предмет и одлежа еден месец куќен притвор.

Градоначалникот Талески и секретарот Бончановски во саботата испратија „барање за извинување и јавно повлекување на клеветнички и навредливи изјави“, кои, наводно, Алушевски ги напишал во текстот со наслов „Транспортер“ објавен на 28 април оваа година.

Тие бараа тој во рок од 48 часа да им се извини, а во спротивно следува тужба во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Талески се навредил од формулацијата во текстот со која се кажува дека тој со Бончановски ги „местеле“ тендерите за јавен превоз на ученици. Секретарот на Општината, Бончановски, пак, бил навреден од реченицата каде Алушевски пренесува изјава од прес-конференција на СЈО, каде што се вели дека сметководствената фирма чиј основач е тој вршела услуги за некои од превозниците, инволвирани во случајот „Транспортер“.

Интересно е што Талески и Бончановски во барањето за извинување навеле дека на прес-конференцијата на СЈО „категорично било наведено дека во јавната набавка сè е во ред и тука нема никакви недостатоци“. Тоа, според нив, значи дека немало никакво местење на тендерите за превоз на ученици.

„Со изнесувањето на овие невистинити тврдења сторивте повреда на честа и на угледот, со што им причинивте штети кои се состојат во душевни болки“, стои меѓу другото во барањето за извинување.

Новинарот Алушевски реши да не им се извинува на Талески и на Бончановски бидејќи не гледа со што ги навредил двајцата осомничени општински функционери. Напротив, Алушевски вели дека ова е само продолжување на притисокот од страна на градоначалникот што од поодамна го прави врз него и тоа преку други лица, а сега и директно.

– Не гледам елементи во текстот со кои сум ги навредил или сум им предизвикал душевна болка на Талески и на Бончановски. Ова го сметам единствено за вршење притисок врз мене да не ги третирам темите во кои градоначалникот и неговите потчинети се осомничени за криминал – вели новинарот Алушевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...