Такси компанија од Париз ги исклучи од сообраќај возилата на „Тесла“ поради сообраќајка

Фото: Bram Van Oost on Unsplash

Најголемата такси компанија во Париз „Г7“ ги исклучи од сообраќај автомобилите од марката „Тесла модел 3“ откако во саботата едно од нивните возила учествуваше во сообраќајна несреќа, јавува весникот „Гардијан“. Во сообраќајката едно лице го загуби животот, а 20 лица биле повредени. Обвинителството во Париз отвори истрага за несреќата, додека такси компанијата објави дека ќе прекине со користење на 37-те возила до крајот на истрагата.

Во истрагата ќе се утврдува брзината и траекторијата на движење на автомобилот „Тесла“, којшто во незгодата се судрил со велосипедист, тројца пешаци и удрил во комбе.

Од компанијата „Тесла“ соопштија дека нивното електрично возило што учествувало во несреќата немало технички проблеми. Сепак, тие додаваат дека ќе соработуваат со француските власти во споделување со сите детали за техничката исправност на возилото доколку биде потребно.

Инаку, ова не е прва сообраќајна несреќа во која учествуваат возилата на „Тесла“, а главната причина на критика од досегашните сообраќајни несреќи е користењето на автопилотот во автомобилот, којшто може самостојно да управува, сопира и да го забрзува возилото коешто учествува во сообраќајот. Поточно, главната замерка на критичарите на овие електрични возила е дилемата дали доколку бил исклучен автопилотот во возилото ќе се случеле сообраќајните несреќи.