fbpx

Тага, гнев и плач на протестот против руската агресија, отворен и шатор за донации за Украина [фото]

-

Итно сопирање на руската агресија во Украина и затворање на небото за прелети на руската авијација. Ова е главното барање на граѓаните коишто денеска во центарот на Скопје се собраа на протестот против руската инвазија врз Украина.

Во плач и неверување, со гнев и тага, секој од присутните на протестот на различен начин испрати апел за сопирање на војната во Украина. Некои од граѓаните дојдоа и да донираат помош за Украинците, а на протестот беше присутна и украинската амбасадорка во земјава.

„Ова е нечовечки, монструозен подмолен напад од страна на Русија. Русија без жал уништува украински градови и села, убива цивилно население. Покрај руската агресија насочена кон уништување на украинското население и инфраструктура се јави нова закана за цела Европа и пошироко. Со руската инвазија на удар е ставена и глобалната нуклеарна безбедност“, изјави претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.

Граѓаните со транспаренти „Стоп за војна во 21 век“, „Стоп за руската агресија“ и фотографии од разурнатите украински градови повикаа на ставање крај на војната што ја започна Русија во Украина.

„Иако мојот мајчин јазик е руски, јас потекнувам од едно мало гратче од Украина на 30 километри од нуклеарната централа која што беше зафатена од руските окупатори пред два дена“, изјави една од граѓанките на протестот, додавајќи дека во нивниот град живее руско население што било населено таму и сите се противат на руската инвазија врз Украина и не бараат да бидат “ослободени”.

„Русија води војна со целиот свет, а Украина води војна за целиот свет. Ние ќе победиме, но нас ни треба поддршката од целиот свет“, изјави украинската амбасадорка во земјава, Наталија Задорожњук на денешниот протест.

Таа се заблагодари на државното раководство на нашата земја за приклучувањето кон руските санкции воведени од ЕУ, како и за затворањето на воздушниот простор за руските авиокомпании од нашата земја. Амбасадорката се заблагодари и на компаниите кои донираат помош за украинскиот народ, како и за граѓаните кои се одзиваат на повикот за донации. Помошта веќе започнала да се испраќа во Украина.

Инаку, за да им се излезе во пресрет на што повеќе луѓе кои сакаат да донираат за Украина, денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје до 20 часот е отворен пункт за собирање на хуманитарна помош. Во шаторот секој граѓанин ќе може да однесе храна, облека и друга помош што ќе биде испратена за украинските граѓани кои страдаат од војната. Организаторите разговараат со Град Скопје пунктот за донации да биде отворен и во текот на наредните денови, како би можело што поголем број на граѓани да донираат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...