Софија: Од Западен Балкан до ЕУ ќе се трча индивидуално, нема да се чекаат другите


Софија, 6 февруари, 2018 - 17:17 (META) 

Напредокот на секоја од земја од Западен Балкан ќе се оценува според индивидуалните постигнувања и од ниту една држава, која е подготвена за членство во Европската Унија, нема да се бара да чека друга за влез во Унија, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое ја поздравува Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија.

„Стратегијата се однесува на сите шест држави, кои треба да ги забрзаат реформите и да изградат добрососедски односи. Напредокот ќе продолжи да се базира на индивидуалните постигнувања на секоја земја одделно, односно ниту една држава, која е готова, нема да мора да чека друга“, стои во соопштението.

Државите од регионот, се додава во него, имаат јасна временска перспектива.

„2025 година е амбициозна цел, чие исполнување налага мобилизација за решителни реформи во клучните области на политичкиот, економскиот и социјалниот живот“, велат од МНР на Бугарија, која е актуелен претседавач со Советот на Европа.