Тодоровиќ ги врати првите 433.000 евра од „Скопје 2014“ во буџетот на Општина Центар


Скопје, 4 јули, 2018 - 13:37 (META) 

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и лицата М.Т., поранешен секретар и Д.Р., вработен во Секторот за уредување на градежни земјиште и заштита на животна средина во Општина Центар, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата, соопшти директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

Според обвинението, тие го оштетиле буџетот на Општина Центар во износ од 433.389 евра за градежни работи кои се однесуваат за изградба на пешачкиот мост „Око“ на Вардар, граден од страна на компанијата „Конструктор инженеринг АД Сплит“.

Поради неисполнување на обврски од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година Општина Центар го раскинала договорот со „Конструктор инженеринг АД Сплит“, чија што вредност изнесувала 119.197.783 денари.

– Пријавените В.Т, М.Т. и Д.Р. со препуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности и на име на ненаплатени три банкарски гаранции го оштетитле буџетот од 26.653.424 денари (433.389 евра) – истакна Муареми.

Тој додаде дека овие пари на 30 јуни биле вратени на сметката на Општина Центар, но се надева дека кривична одговорност ќе има. Муареми исто така рече дека во тек се и други истраги за „Скопје 2014“ и дека за некои предмети имаат соработка со СЈО.


Удирајќи во лонци, тави и во тенџериња, демонстрантите бараа оставка од Груевски


Скопје, 24 јуни, 2015 - 20:17 (META) 

Неколку стотини граѓани, активисти, луѓе од опозицијата вечерва преку мирен, но бучен протест пред домот на премиерот Никола Груевски, побараа од него да си поднесе оставка и да овозможи да се одржат избори, кои ќе ги организира преодна влада, во која тој нема да учествува.

Демонстрантите „опремени“ со тенџериња, тави, лонци, тапани и со сирени, маршот го почнаа од булеварот Климент Охридски, во близина на Владата, и преку улицата Св. Кирил и Методиј стигнаа пред домот на Груевски, цело време правејќи врева со предметите и извикувајќи „Оставка“, „Готово е“, „Николче диктаторче“…

Пред зградата во која живее премиерот, односно на раскрсницата од улиците Павел Шатев, Јордан Мијалков и Антон Попов, демонстрантите бараа оставки од Груевски и од неговата влада.

– Излези Никола од твоите четири стана и да видиш со народот што стана. Излези Никола на тераса, да ја видиш својата понижена раса. Излези Никола не само на твојата тераса, излези и оди си од Илинденска – рече пред присутните активистот Петрит Сарачини.

Пред демонстрантите се обрати и портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој побара од Груевски веднаш да си поднесе оставка, било уште вечерва, било на 29 јуни.

– Дојдовме со тави и со тенџериња, како домаќини луѓе, да ти порачаме дека готово е со твоите манџи и запршки. Оди си Никола, иднината на овој народ зависи од тебе. Избори кои ти ќе ги организираш, овој народ веќе нема да гледа. Поднеси си оставка, сакаш денеска, сакаш на 29 јуни. Инаку остануваш сам со себе. Ќе останеш запаметен по тоа како од маргиналец се станува криминалец – рече Шилегов.


„Не си одиме“, порачаа демонстрантите пред Владата


Скопје, 5 мај, 2015 - 20:52 (META) 

Веќе неколку часа, голема група граѓани, револтирани од прикривањето на убиството на Мартин Нешковски, протестираат пред Владата извикувајќи „убијци“, „доста беше молк“, „кого браните“, „не сме човечиња“, „излези Никола“, „нема Сашо – има мир“,„оставка“ и „ќе одговарате“.

Во еден момент, тие го пробија полицискиот кордон и се упатија накај Владата.

Во групата која се обиде да влезе во зградата, беа и мајката и братот на Нешковски.

Како што јавува репортерот на „Мета“, демонстрантите ги спуштиле на пола копје знамињата пред Владата и фрлале со јајца, јаболки и со балони со вода кон објектот, при што искршиле два прозорци на приземјето.

На протестот се приклучија и пленумците.

Се појавија и групи со албанско знаме. Тие го врзаа албанското со македонското знаме.

Нема најави до кога би траел протестот, а присутните извикуваат „Не си одиме“.

Специјални полициски единици го блокираа влезот кон владата за групата демонстранти да не може да влезе внатре.

На протестот се пуштаат и аудиоснимките од денешната „бомба“ посветена токму на убиството на Мартин Нешковски.

Сè повеќе граѓани се собираат пред Владата, а на протестот пристигаат и дополнителни полициски сили.

На новинарите кои известуваа од прес-конфренцијата на министерката Гордана Јанкулоска не им беше дозволено да излезат од главниот влез, туку беа принудени да си одат преку подземната гаража.