Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Поради зголемен интензитет, утрово на граничниот премин „Табановце“, чекањето за излез од државата е околу 40 минути, информира АМСМ во утринскиот извештај.

И денеска, како и вчера, повеќе македонски граѓани заминуваат на бесплатна вакцинација против ковид-19 со вакцината на „Оксфорд/АстраЗенека“ во соседна Србија. Во текот на вчерашниот ден, во организација на стопанските комори, во Белград и во Ниш се упатија повеќе граѓани со цел да ја примат истата вакцина.

Вчера вечер македонскиот министер за здравство им порача на македонските државјани коишто првата доза на вакцина ја примиле или ќе ја примат во Србија, дека ќе имаат можност, доколку одлучат, ревакцината да ја примат во нашата земја.

Јас веќе утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не, ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт „vakcinacija.mk“ за тие граѓани да можат да се пријават. Граѓаните секако добиле термин за ревакцина, доколку некој не може да оди во Србија, доколку некој кој сака овде да продолжи ние тоа ќе го испланираме во нашиот систем.