„ТАА“ – изложба за значењето на македонската жена низ историјата

Фото: Мета.мк

Во Музеј на Град Скопје е поставена збирна изложба создадена од колекции на фотографии, цртежи, вистински материјали, новински записи и предмети кои ја асоцираат улогата на жената во годините меѓу крајот на 19 век и денешната прва половина на 21 век.

„ТАА“ го претставува значењето и трансформацијата на македонската жена во традиционалната заедница и семејството до почетокот на 20 век, нејзиното понатамошно минување „преку прагот“, женскиот активизам меѓу двете светски војни, жената партизанка, образовниот процес, признавањето на „Денот на жената“, жената која почнува активно да работи и да има свое семејство и конечно современата жена.

Авторите на полукружниот циклус на промена претставен во една од квадратните простории на Музејот на Град Скопје, Славица Христова, Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Танчевска преку истражување и прибирање на разни информации ја создаваат оваа колекција што прераснува во успешна изложбена идеја и поставка.

Фото: Мета.мк

Интересниот спој на авторизирани текстови прикачени веднаш до сценската „изведба“ на временските предмети и материјали помагаат да се долови оригиналната слика за жената во дадениот временски период. Тоа дава свежина што ја ослободува уметноста низ спомените и важните мемоари за женските чинители низ историјата.

Во изложбата, периодот од почетокот на 20 век е опишан со зборовите „Преку прагот“ кои ги означуваат обидите на жената за премин кон образованието и вклучување во социјалниот живот. Авторките ја избрале песната „Убавите жени“ од Блаже Конески која го отсликува тој период:

Убавите жени

   Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени,
несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.

Блаже Конески

Оваа изложба е реализирана со поддршка од Градот Скопје.