Загадениот воздух и климатските промени се на врвот на листата за најголеми закани по човековото здравје во светот во 2019 година, што ја подготви Светската здравствена организација (СЗО). На списокот со 10 точки, на 9. место се противниците на вакцинирањето.

Истовремено, во Скопје продолжува епидемијата на морбили, а со оваа болест најновите пациенти примени на Инфективна клиника се двајца возрасни и едно дете од Скопје.

Според СЗО, девет од десет луѓе дишат загаден воздух секој ден, што доведува до загуба на седум милиони човечки животи секоја година од болестите предизвикани од ова зло, како што се рак, мозочни и срцеви удари, потоа други заболување на крвоносниот систем и на белите дробови.

Главниот загадувач на воздухот е согорувањето фосилни горива, што истовремено предизвикува и климатски промени. Се проценува дека поради нив во периодот од 2030 до 2050 година само поради неухранетост, маларија, дијареја и топлотни удри секоја година ќе умираат дополнителни 250.000 луѓе, вели СЗО.

Втората по сериозност закана за здравјето на луѓето во целиот свет се непреносливите болести, како дијабетес, рак и болестите на срцево-садовиот систем и на нив отпаѓаат 70 отсто од сите смртни случаи, односно 41 милион луѓе годишно.

Трета по сериозност закана би била евентуална глобална епидемија, односно пандемија, на грип, а на четвртото место се лошите и загрозувачки услови за живот, во кои се смета дека се наоѓаат 1,6 милијарди луѓе.

Според СЗО, следна закана е отпорноста на микробите на лекови, а потоа следуваат еболата и другите високозаразни вирусни и други преносливи болести.

Во списокот на 10 глобални закани по здравјето на човекот е впишана и слабата примарна здравствена заштита, а по неа, на 9-тото место е противењето на вакцинирањето. Последната набројана закана е денга-треската.

Се смета дека со сегашната стапка на вакцинирање се спасуваат 2-3 милиони човечки животи секоја година, а бројката би можела да порасне за дополнителни милион и пол доколку се зголеми опфатот на вакцинирањето. Светската здравствена организација ги посочува како пример морбилите, односно малите сипаници, за кои е прогласена епидемија во Скопје.

Според СЗО во последните години случајот на заболени од оваа болест се зголемила за 30 отсто како резултат на отпорот кон примање вакцини.

Таканаречените „антиваксери“ станаа погласни и побројни во изминатите 5-6 години на Балканот и во Македонија,  а во последните години во Скопје одржаа и два три протестни марша против вакцинирањето.

Инаку, токму Скопје е градот во кој е прогласена епидемија на морбили, која почна во детска градинка во Радишани.

Како што соопшти Министерството за здравство, на Инфективната клиника се примени уште тројца пациенти со морбили, од кои еден возрасен од Карпош и еден возрасен и едно дете од Чаир.

Од почетокот на епидемијата до вчера, вакцинирани против МРП (вакцината против морбили, рубела, паротитис, односно мали сипаници, големи сипаници и заушки) биле вакцинирани 2.925 деца, од кои само денеска до 13 часот вкупно 181 дете.