СЗО сепак не му понудила поткуп од 20 милиони долари на претседателот на Мадагаскар

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr се зафаќа со серија текстови, главно пласирани на блогови на грчки јазик, со неточни тврдења дека претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина, се пожалил дека Светската здравствена организација (СЗО) се обидела да го поткупи со 20 милиони долари за да се затруе билниот препарат кој наводно лекува од ковид-19. Наводно, Раџоелина сакал овој лек да се дели во Мадагаскар, како и дека поради тоа тој ги повикал сите африкански земји да излезат од СЗО. Но, таквите наводи се неточни, пишува ellinikahoaxes.gr.

Овој сервис за борба против дезинформациите потсетува дека на 21 април, Раџоелина објавил дека ќе почне дистрибуцијата на „Covid-Organics“, тврдејќи дека лекува од ковид-19.

Но, СЗО порача дека препаратот не е испитан според меѓународните стандарди, а потоа во видео-конференција на СЗО со 70 експерти од цела Африка бил постигнат консензус дека сите лекарства што ќе се користат на континентот мора да минат клинички испитувања. Истовремено, Африканската унија побарала технички податоци за препаратот, а претседателот на Нигерија изјавил дека во неговата земја тој препарат нема да се дистрибуира без дозвола од регулаторните тела.

Станува збор за препарат што содржи пелин, кој има ефикасност против маларијата. Но, според експертите, ако е нешто ефикасно против маларијата, не значи дека дејствува против вирусите, како и дека препаратот може да им наштети не само на болните од ковид-19, туку да го попречи лекувањето на маларијата, оти микроорганизмот што ја предизвикува маларијата може да стане отпорен на пелинот ако препаратот се зема интензивно.

Следно, на 11 мај, претседателот на Мадагаскар во интервју за Франс24, помеѓу другото, изразил незадоволство од резервираноста на СЗО, велејќи „Да не беше во прашање Мадагаскар, туку друга европска земја да го откриеше овој препарат, дали тогаш ќе имаше толку многу дилеми? Не мислам дека е така“.

Набргу по социјалните мрежи и во Африка и во други земји се појавиле пишувања дека Раџоелина наводно рекол дека СЗО сакала да го поткупи и дека наводно повикал африканските земји да ја напуштат СЗО.

Но, како што потврди АФП во два написа (1 и 2) за ваквите наводи, тоа е неточно, односно Раџоелина не кажал такви работи, а од официјалните податоци, барем до 7 јуни, се гледа дека Мадагаскар не ја напуштил СЗО, пишува ellinikahoaxes.gr.