fbpx

СЗО: Најважна е стратегијата за следење на контактите и нивно изолирање

-

Единствената најважна интервенција за спречување на ширењето на корона вирусот не е секогаш технологија, туку може да ја спроведат и широк спектар на професионалци така што ќе ги лоцираат контактите коишто го шират вирусот и притоа да ги изолираат овие лица, појасни генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус на вчерашниот брифинг за состојбата со ковид-19 низ целиот свет.

Тој истакна дека постојат чекори што сите земји можат да ги преземат за да го потиснат ширењето на вирусот. Гебрејесус ги отфрли обвинувањата од некои земји дека стратегијата за следење на контактите на заразените со корона вирус е премногу тешка за спроведување и дека е неефикасна во контролата на пандемијата.

– Тврдењата на некои земји дека има премногу контакти за пребарување и дека самиот процес е премногу тежок, не се прифатливи – истакна директорот на СЗО.

СЗО повеќе пати ги советуваше земјите дека запирањето на епидемијата со ковид-19 бара силна стратегија за следење контакти, интензивен процес за пронаоѓање луѓе кои биле во контакт со заразените лица и нивна изолација. Гебрејесус уште еднаш предупреди дека системот на следење и откривање на контактите мора да продолжи бидејќи пандемијата не покажува знаци на забавување, туку напротив се забрзува, особено во Америка.

– Суровата реалност е дека ова не е ниту приближно до крајот – потенцираше генералниот директор на СЗО, додавајќи дека „најлошото допрва следи“.

Министерот за здравство Венко Филипче неколку пати апелираше до пациентите заразени со корона вирус во нашата земја да не даваат лажни податоци за контактите, се со цел побрзо да се сузбие преносот на заразата. Тој нагласи дека треба да се санкционираат лицата кои на епидемиолошките анкети даваат погрешни информации, бидејќи како што рече, со тоа се загрозува јавното здравје.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.209, бројката на оздравени пациенти е 2.427, а на починати е 298. Во моментов, во земјата има 3.484 активни случаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...