СЗО и УНИЦЕФ: Сите училишта во Европа и Централна Азија да останат отворени и да бидат побезбедни

Photo by javier trueba on Unsplash

Додека милиони школски деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против ковид-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации. Освен тоа, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби коишто значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на ковид-19; унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените, итн., се вели во повикот од СЗО и УНИЦЕФ.

Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството. Ќе помине извесно време пред да ја оставиме пандемијата зад нас, но образованието на децата со безбедно физичко присуство во училиште мора да остане наша примарна цел, па затоа, не смееме да ги лишиме од можностите што ги заслужуваат, порачува д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа“.

Податоците јасно покажуваат дека примањето целосна серија вакцини против ковид-19 значително го намалува ризикот од тешко заболување и смрт. Затоа, кога ќе ве повикаат да ја примите вакцината, направете го тоа и погрижете се да ги примите сите дози, порачуваат двете меѓународни организации.

Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето подеднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите. Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавно здравствените и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат, каде спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин, порачува Клуге.

Филип Кори, заменикот-регионален директор од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, вели порачува дека пандемијата не е завршена, и затоа сите треба да се ангажираат во што е можно подобра борба против болеста, а дека за децата и младите ќе биде многу штетно ако имаат уште една година нарушено образование.

Пандемијата не е завршена. Сите треба да одиграме улога училиштата низ регионот да останат отворени. Децата и младите не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава. Децата беа тивки жртви на пандемијата, а најмаргинализираните беа меѓу најтешко погодените. Кога училиштата се затворени, децата пропуштаат настава, не се со своите пријатели и за тие кои живееат во нефункционални семејства може да бидат изложени на насилство во домот, порачува Кори.

За училиштата да се одржат отворени и безбедни, СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на КОВИД-19, за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО, тие се:

  • Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат.
  • Воспоставете стратегија за тестирање.
  • Обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот.
  • Заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата.
  • Заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца.
  • Подобрете ја училишната средина.
  • Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки.
  • Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште.