СЗО апелира да не се напаѓаат и повредуваат мајмуните

Фото: Alexandra Koch @ Pixabay.com

Светската здравствена организација (СЗО) упати апел до јавноста да не се напаѓаат и повредуваат мајмуните, откако се дозна за случаи на најмалку седум мајмуни во Бразил што умреле откако биле отруени или повредени среде епидемијата на мајмунски сипаници, пренесе Ен-Би-Си Њуз.

„Тоа што луѓето треба да го разберат е дека пренесувањето се случува помеѓу луѓе“, порача портпаролката на СЗО др. Маргарет Харис на брифинг за новинари во Женева.

Биле откриени најмалку 10 мајмуни во Бразил со знаци на труење или со повреди, по што седум од нив умреле, а останатите три се под набљудување во зоолошката градина во Сао Жозе до Рио Прето во сојузната бразилска држава Сао Пауло.

СЗО минатиот месец ги прогласи мајмунските сипаници за закана за јавното здравје со меѓународни импликации. Досега годинава се откриени речиси 32.000 случаи меѓу луѓето.