СВР Охрид поднесе кривична пријава против струшкиот градоначалник Зијадин Села

Поради постоење основи за сомневање дека ги злоупотребил службената положба и овластувањето, СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.С. (44) од струшкото село Ливада, Р.Х. (48) од Велешта, Ѓ.Д. (50) од Струга и В.Л.А. (60) од Скопје.

Првопријавениот З.С., во својство на градоначалник на Општина Струга и одговорно лице во правно лице, во 2014 година издал паркиралиште за моторни возила во близина на зградата на Министерството за одбрана во Струга, кај градското пливалиште, кое со решение е означено како локација под заштита на државата.

Покрај ова, пријавениот З.С. во својство на градоначалник на Општина Струга, спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и на Законот за градба, во февруари минатата година издал решение со кое се утврдува правниот статус на три бесправно изградени објекти на име на Општина Струга, а на штета на Република Македонија.

Предметните три објекти кои датираат уште од 1934 година не можеле да бидат предмет на легализација бидејќи објектите, со решение од Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство, биле прогласени како објекти од значајно културно наследство во сопственост на Македонија.