fbpx

Својот ден учителите го поминаа со зголемени обврски, одговорности и стрес

-

Вчерашниот ден, 5 октомври, во 1994 година беше прогласен за Светски ден на учителите. Оттогаш, секоја година, на овој ден УНЕСКО и бројни други меѓународни организации лансираат разни кампањи чија цел е светот подобро да ја разбере улогата која наставниците ја имаат во развојот на студентите и општеството.

Својот ден учителите годинава го одбележуваат на начин поинаков од порано. Некои наставници денот го поминаа во училница, предавална или амфитеатар, додека други на своите ученици и студенти им предаваа од дома. Трети пак, беа на работа во матичната институција, а потоа брзаа да стигнат и дома за повторно да продолжат со работа, овој пат преку средства за електронска комуникација.

Пандемијата со ковид-19 и условите за живот што се наметнаа заради заштита на здравјето како врвен приоритет, меѓу другото, се одразија и врз фунцкионирањето на образовниот систем. Со новите околности се зголемија предизвиците во бројни професии, меѓу кои највидлива за јавноста е таа на наставниците. Учебната година на повеќето училишта и факултети започна со хибриден модел на настава: комбинација од учење со физичко присуство и новиот начин на предавање со помош на средства за електронска комуникација, популарно наречен – онлајн настава.

Промената во наставниот модел доведе и до променети обврски на наставниците како најважни чинители во образовниот процес. Учењето од далечина го зголеми обемот на работа, но и одговорноста на учителите, наставниците и професорите.

За тоа што значи да се биде професор на „новото време“ и за предизвиците кои ги наметна пандемијата, „Мета.мк“ разговараше со универзитетската професорка Марина Митревска.

Митревска, која е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека преминот од настава во амфитеатри и предавални кон учење од далечина не бил едноставен и дека наставниците се најодговорните чинители во организирањето и реализирањето на онлајн-моделот на настава.

„Условите за работа се променети, а со тоа и обврските на наставниците се променети. Најблагодарната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност кон студентите со цел да им се пренесе знаење, мотивација и вештини, беше исправена пред нов предизвик. Се доведовме во состојба на ad hoc решенија и професионални напори за континуирана активност, преку презентации, контролни задачи, дискусии, анализа на студија на случај и слично. Со други зборови, квалитетниот наставник демонстрира, а најдобриот инспирира со цел студентите да бидат активни чинители во наставниот процес“, вели Митревска.

Во однос на ефектите кои ваквиот модел на учење може да ги има врз образованието на студентите, таа смета дека е рано да се зборува за нарушен квалитет на образование и вели дека доколку и наставниците и студентите активно се вклучат во образовниот процес, може да се задржи сегашниот квалитетот на образованието.

марина митревска
Марина Митревска, редовен професор на Филозофски факултет, УКИМ / фото: лична архива

„Обврската е поинаква, но креативноста и квалитетот на наставникот да предава, да објаснува и да инспирира преку виртуелна комуникација може да биде успешна. Соочени со пандемијата, онлајн наставата има и свои предности. Таа овозможува во целост да ги почитуваме мерките за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, а добрите, квалитетните наставници знаат како да го извлечат најдоброто од студентите и преку онлајн настава. Потребна е добра организација, потребна е посветеност и одговорност и на наставникот и на студентот со цел успешно да се справиме со предизвикот и да го задржиме квалитетот на образованието. До квалитетно високо образование може да се дојде со континуирано, ефикасно и ефективно работење на повеќе чинители“, додава Митревска.

За зголемените обврски на наставниците и учителите во време на пандемија на вирус, зборува и Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука. Тој вели дека е променет форматот и обемот на потребните планирања и подготовки за да се одржи еден квалитетен час.

„Во недостиг на жива, непосредна комуникација, зголемен е обемот на писмени задачи кои треба да се проверат и на учениците да им се даде повратен одговор, повторно, во пишана форма. Наставниците на учениците од прво до трето одделение имаат двојно па и тројно зголемен обем на работа. Самото зголемување на задачи, ја зголемува и одговорноста на наставникот“ вели Гиевски.

Но, тој тврди дека клучната улога во образовниот процес, сепак ја игра техничката поддршка што треба да ја обезбедат надлежните.

Томислав Гиовски
Томислав Гиовски, претседател на Независен синдикат за образование и наука / фото: лична архива

„Наставникот може да осмисли и да подготви одлични часови, но, тие да се претворат во малтретирање и за него и за учениците поради лоши услови – слаб компјутер или немање компјутер, лоша интернет врска во училиштата, која поголем дел од часот се чека да биде воспоставена или паѓа и слично. Обврската на наставникот е да подготви квалитетен час, а обврска на надлежните е да овозможат таа содржина да биде квалитетно дистрибуирана од учениците“, додава Гиевски.

Тој вели дека на дел од 30.000 наставници колку што работат во основните и средните училишта, им е напорно да се прилагодат на новиот начин на работа. Најголем дел од реакциите кои стигнувале до Независниот синдикат за образование и наука се однесувале токму на немањето или пак на нефункционалната техничка поддршка во училиштата.

„Мал е бројот на училишта кои имаат обезбедено соодветни услови за организирање квалитетна онлајн настава. Некаде нема компјутери, некаде интернетот е лош, па ако се вклучат повеќе од 5-6 наставника врската паѓа. Ваквата состојба на притисок од учениците и родителите, кои со право очекуваат квалитетна настава од една, и директори кои со мобинг, закани, уцени, шиканирање, се обидуваат да ги натераат наставниците самите да си купат компјутери за работа и да си обезбедат интернет користејќи ги своите телефони од друга страна, предизвикуваат стресот на наставниците да биде многукратно зголемен“, вели Гиевски.

Вчерашниот ден, пред 24 години беше прогласен за Светски ден на учителите, во знак на сеќавање на 5 октомври, 1996 година, кога беше усвоена Препораката на Меѓународната организација на трудот – МОТ и на УНЕСКО, а која се однесување на статусот на учителите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...