fbpx

Свињите се еутаназираат поради африканската чума, а не поради скриена агенда

-

Наспроти невистинитото тврдење во постот, станува збор за моментална депопулизација и еутаназија само на еден вид животни – свињите и тоа поради вирусот на африканска чума којшто се шири низ фармите во Македонија. Од АХВ информираат дека постои разлика како ќе се третираат животните во зависност од тоа каква е фармата и дали се придржува до мерките за заштита односно биосигурносните мерки. Во радиус од три километри од жариштето се врши депопулација со еутаназија на сите одгледувалишта кои не применуваат или имаат ниски биосигурносни мерки. Оние кои имаат високи биосигурносни мерки, нивните свињи одат во кланица со која Агенцијата има потпишано договор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На објава на социјалната мрежа Фејсбук, се споделува тврдење дека власта сака да ги уништи сите домашни фарми и декa се работи за некоја поголема агенда. Ова не е точно.

Почнува укинување на домашните фарми во Македонија, во Малешевскиот крај наредено е да се уништат сите свињарски фарми големи и мали до 20.9.2022, и оние кои што имаат со години и егзистирале од тоа,и оние кои што чувале за себе,уште една агенда исполнуваат нашите власти,да видиме до каде ќе одат!!!

Станува збор за моментална депопулизација и еутаназија само на еден вид животни – свињите и тоа поради вирусот на африканска чума којшто се шири низ фармите во Македонија. Оваа мерка не се применува поради ничија поголема агенда, туку за заштита и на животните и на самите фарми.

Африканска чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби.

Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со: директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе; индиректно се пренесува прекузаразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека; биолошки пренос од векторот- мек крлеж од родот Ornithodoros.

Оваа болест иако не е опасна по здравјето на луѓето, сепак е многу смртоносна кај овие животни и не се лекува. Затоа, Агенцијата за храна и ветеринарство водејќи се од законските одредби и Правилникот за мерки за искоренување на африканската чума кај свињите нареди депопулизација и еутанизација на свињи, а од појавата на првиот случај во земјава, досега се депопулизирани и еутанизирани 3.102 животни.

Но, од АХВ информираат дека постои разлика како ќе се третираат животните во зависност од тоа каква е фармата и дали се придржува до мерките за заштита, односно биосигурносните мерки.

Во радиус од три километри од жариштето се врши депопулација со еутаназија на сите одгледувалишта коишто не применуваат или имаат ниски биосигурносни мерки. Оние коишто имаат високи биосигурносни мерки, нивните свињи одат во кланица со која Агенцијата има потпишано договор и месото понатаму се носи на преработка со одреден технолошки процес.  Во радиус од 10 километри се врши депопулација меѓутоа без еутаназија, туку со економско искористување на животните, појасни Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.

Контролата на болестите кај свињите се спроведува на три нивоа: превенција, рано откривање и брза реакција. Превенцијата кај животните може да биде директна или индиректна. Директната превенција опфаќа спроведување на биосигурносни мерки од одгледувачите на животни на одгледувалиштата со цел да се спречи појавата на болести и да се одржува здравствениот статус на животните на задоволително ниво.

„Биосигурност“ е спроведување на мерки и активности коишто го намалуваат ризикот од внесување и ширење на предизвикувачи на болести и ги вклучува домашните, егзотичните и дивите животни и нивните производи.

Биосигурносните мерки на одгледувалиште се делат на надворешни биосигурносни мерки, кои се однесуваат на активности и мерки за да се спречи влез на инфективен агенс или причинител на болести на одгледувалиштето (bio-exclusion) и внатрешни биосигурносни мерки, кои опфаќаат мерки и активности за да се спречи ширење на инфективниот агенс или болеста на одгледувалиштето каде се појавила како и ширење на други одгледувалишта (bio-containment).

На сите одгледувалишта на свињи треба да се спроведат основните принципи за биосигуност, а тоа се: сегрегација или изолирање, чистење или санитација и дезинфекција.

Па, така, оние фарми коишто не ги спроведуваат овој поголем сет на мерки, нивните свињи се еутаназираат без економско искористување на животните. Ова не е никаква агенда или светски заговор, како што се тврди во објавата што ја рецензираме, ниту пак, целта е да се уништат сите домашни фарми, туку е мерка којашто се презема за да се спречи ширењето на овој вирус.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...