(Фото) Депонијата Мегленци близу Битола е дом на голем број улични кучиња и свињи

Фото: Анимал војс

Поголем број кучиња и свињи се прехрануваат и практично живеат во битолската општинска депонија Мегленци, велат активистите од иницијативата „Анимал војс“. Тие се грижат за уличните животни во Битола и, како што велат, успеале да спасат една кучка која со нејзините осум кученца се окучила на самата депонија. Тие велат дека по ветеринарниот преглед се покажало дека мајката имала инфекција како последица на медицинскиот отпад што го јадела во депонијата.

Фото: Анимал војс

„Состојбата на депонијата во Битола е ужасна. Пострашна е од хорор-филм. Смрдеата е неподнослива. Стотици кучиња и свињи секојдневно се под отворено небо, под дожд и снег, изложени на болести и инфекции, гладни и жедни“, за Мета.мк изјави Леонардо Соколов од „Анимал војс“.

Активистите за овој проблем кон крајот на минатиот месец се обратиле и до општината. Како што велат, разговарале со битолскиот градоначалник Тони Коњановски за можностите бездомните животни  да се згрижат подалеку од отпадот, но разговорот не резултирал со решение.

Овој проблем што се случува во Мегленци е децениски, нагласуваат активистите, и истиот претставува опасност по здравјето и за животните и за луѓето.

Фото: Анимај војс

„Иако има чувар, во депонијата сите болници го фрлаат отпадот, секој што ќе му се досади миленичето го остава таму и буквално секој фрла сè што ќе стигне, а така се шират болести“, додаде Соколов.

Од Општина Битола за Мета.мк изјавија дека депонијата се наоѓа на територијата на општина Новаци, а за грижата надлежни се ЈП Комуналец Битола.

„Во делот на инспекцискиот надзор, надлежен е државниот инспектор за животна средина“, појаснија од Општина Битола.

Од таму велат оти градоначалникот сметал дека овој проблем треба да се реши што поскоро на територијата на целата општина, на што во моментот веќе работела општинската администрација.

„Определена е локација, а во тек е и подготовка на документација за изградба на стационар за згрижување на бездомни животни. Со буџетот за 2022 година предвидени се средства кои ќе овозможат забрзување на динамиката и решавање на овој долгогодишен проблем“, велат од Општина Битола.

Фото: Ануимал војс

Од ЈП Комуналец Битола негираат дека на депонијата има медицински отпад.

„На депонијата се депонира исклучиво комунален неопасен отпад, односно отпад од домаќинства. Не се третира, ниту се депонира медицински отпад“, децидни се од јавното претпријатие. Оттаму додаваат дека дополнително ќе проверат дали се почитува Правилникот за постапување со медицински отпад.

Надлежните од ЈП Комуналец Битола потврдија дека на депонијата има кучиња скитници кои доаѓаат од блиските села, но велат дека за нив е надлежна Шинтерската служба која согласно динамиката на работа ги заловува и е должна да постапува хумано.

Во врска со свињите кои се хранат од сметот на депонијата, од комуналното претпријатие изјавија дека овие животни се во сопственост на несовесно лице, жител на најблиското село до депонијата и ЈП Комуналец Битола ги има преземено и ќе ги преземе сите правни мерки против сопственикот на свињите за ваквата појава да се отстрани.

Од таму додаваат дека се работи за површина од над 6 хектари која е невозможно целосно да биде покриена. Депонијата е оградена 95 проценти со жичена ограда. Од битолскиот Комуналец велат дека преостанатиот дел не може да се огради поради конфигурацијата на теренот.