Светските лидери со позитивни оценки за договорот од КОП 26, иако јагленот не е целосно исфрлен од употреба

Фото: Albert Hyseni on Unsplash

Климатскиот договор постигнат на КОП 26 во Глазгов е договорот којшто носи промени и којшто ќе донесе крај на производството на енергија од јагленот. Можеме да лобираме и охрабруваме, но не можеме да ги принудиме останатите земји да го прават она што не сакаат, изјави британскиот премиер Борис Џонсон по завршувањето на Конференцијата за климатски промени на ОН во Глазгов.

„И покрај сите наши несогласувања, светот несомнено оди вистинската насока“, изјави британскиот премиер.

Џонсон додаде дека е постигната пресвртната точка во ставовите на луѓето, но и дополни дека и покрај сите постигнувања на КОП 26, неговата реакција е „обоена со разочарување“, пренесува Би-би-си.

И специјалниот пратеник за клима на американскиот претседател, Џон Кери рече дека КОП 26 нас нè донесе поблиску од кога било претходно до избегнување на климатскиот хаос.

Светот денеска е многу поблиску до целта за ограничување на зголемувањето на просечните температури во светот на 1,5 Целзиусови степени, изјави Кери.

„Благодарение на работата овде во Глазгов, целите што си ги поставуваме се многу, многу поблиски“, истакна Џон Кери, но и истовремено предупреди дека нациите имаат уште многу работа за да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да ги постигнат своите цели што ќе доведат до ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени.

Инаку, во Глазгов речиси 200 земји од целиот свет се согласија дека да ја следат оваа цел за ограничување на порастот на температурата зацртана со Парискиот договор од 2015 година, но и се свесни дека обврските преземени на КОП 26 беа несоодветни на задачата и решија да се вратат на преговарачка маса веќе следната година на Конференцијата за климатски промени на ОН што ќе се одржи во Египет, пишува Гардијан.

Напнатите преговори на КОП 26 се одолговлечија повеќе од 24 часа по поставениот рок – петок до 18 часот, за маратонската сесија за постигнување на договорот да биде завршена во саботата доцна навечер.

Според постигнатиот договор во Глазгов, земјите до крајот на 2022 година ќе треба да ги објават своите планови за климатска акција со поамбициозни цели за намалување на стакленичките гасови до 2030 година.

Воедно, се наведува дека развиените земји има потреба да ги зголемат финансиите кон оние коишто веќе ги чувствуваат ефектите од климатските промени, и тоа над сегашната годишна цел од 100 милијарди долари.

Исто така, конкретно посочување на јагленот како предизвикувач на емисиите за првпат беше вклучено во глобален договор за клима, со назнака за „фазно укинување“ на јагленот. За да се постигне целта, неопходно е до 2030 година најмалку 40 отсто од вкупно 8.500 термоелектрани на јаглен низ светот да се затворат, но и да не се градат нови енергетски капацитети што ќе го користат јагленот.