Светските лидери преку договор ќе се обидат да ги спасат океаните од прекумерна експлоатација

фото: Tai's Captures на Unsplash

Светските лидери месецов ќе се состанат во Обединетите нации (ОН) во Њујорк за да разговараат за спас на светските океани од прекумерната екплоатација. Договорот за отворено море на ОН помина низ десетгодишни преговори, а допрва треба да биде потпишан, јавува „Би-би-си“.

Доколку падне договор, 30 отсто од светските океани до 2030 година ќе бидат додадени во мрежата на заштитени морски подрачја. Активистите се надеваат дека тоа ќе го заштити морскиот свет од прекумерен риболов и од други човечки активности.

Две третини од светските океани во моментов се сметаат за меѓународни води, што значи дека сите земји имаат право таму да ловат риба, да пловат и да истражуваат. Истовремено, само 1,2 отсто од овие отворени мориња се заштитени. Со ова, морскиот свет што живее таму е ставен во ризик од експлоатација од зголемените закани од климатските промени, прекумерниот риболов и поморскиот сообраќај.

Бидејќи екосистемите на отворено море се слабо документирани, постои загриженост кај активистите дека суштествата би можеле да исчезнат уште пред да бидат откриени.

Со потпишувањето на договор, делови од светските океани ќе влезат во мрежата на заштитени морски подрачја. Така, пред да продолжат комерцијалните активности како ископувања во длабоки мориња, ќе бидат извршувани проценки на влијанието врз животната средина.

„Би-би-си“ пишува дека само од март годинава Меѓународната управа за морското дно, која ги регулира овие активности, издала 31 договор за истражување на морските длабочини за минерали.

Земјите истовремено бараат во договорот да бидат вклучени и мерки со кои на земјите во развој и без излез на море би им се дал подеднаков пристап до морските генетски ресурси – биолошки материјал од растенија и животни во океанот што може да има придобивки за општествата, преку фармацевтски производи, индустриски процеси и храна.

Нациите си поставија краен рок за потпишување на договорот до крајот на годинава.

Инаку, денеска и Светскиот фонд за природа ги повика земјите-членки на ОН да се договорат за амбициозен, превно обврзувачки глобален договор за заштита на морскиот живот.

„Отвореното море е олицетворение на трагедијата на обичните. Бидејќи тие мориња не припаѓаат на никого, беа третирани несовесно и неказнето. Потребен ни е заеднички механизам за управување со океанот за да се осигураме дека „ничиите води“ ќе станат „сечии води“ и сечија одговорност“, изјави Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа.