Бројни светски лидери, меѓу кои и претседателите на Русија и на Франција, денеска во меморијалниот комплекс „Цицернакаберд“ во Ереван им одадоа почест на Ерменците кои настрадаа за време на Отоманското Царско.
Денеска се одбележува стогодишнината од геноцидот над Ерменците, на ден кога се приведени 250 ерменски интелектуалци, настан кој се смета за прв чекор за масовно убивање Ерменци и по Првата светска војна.
Рускиот претседател Владимир Путин во говорот на церемонијата во Ереван предупреди на опасност од национализам и од „русофобија“.
– Не може да има какво било оправдување за масовно убивање луѓе. Денеска заедно жалиме со ерменскиот народ – рече Путин.
– Никогаш нема да ја заборавиме трагедијата низ која мина вашиот народ – рече францускиот претседател Франсоа Оланд.
Претседателот на Ерменија, Серж Сарксјан, изрази надеж дека неодамнешните чекори за признавање на масакрот на Ерменците како геноцид ќе помогне да се „тргне стогодишната темнина на негирање“.
Турскиот министер задолжен за односи со ЕУ, Волкан Бозкир, е прв турски владин претставник што им оддал почест на жртвите на масакрот така што денеска присуствуваше на миса во ерменската патријаршија во Истанбул.
– Го почитуваме страдањето што го искусија нашите ерменски браќа. На ниту еден начин не се противиме на комеморацијата на тие страдања. Се чувствуваме должни да присуствуваме на оваа миса – рече Бозкир.
Историчарите проценуваат дека пред 100 години се убиени околу 1,5 милион Ерменци, бидејќи отоманските владетели стравувале оти христијанските Ерменци ќе застанат на страна на Русија, нивниот непријател во Првата светска војна. Многу историчари, како и дваесетина земји, меѓу кои се Франција, Италија и Русија, го сметат масакрот за прв геноцид во 20 век.
Турција негира дека Ерменците системски се убивани и тврди дека во судирите се убиени околу 500.000 Ерменци и оти настрадале и исто толку Турци.