Светски лидери со поделени реакции по американските напади врз Иран

Светските лидери имаат поделени ставови за нападот на САД врз три ирански нуклеарни постројки

Бенјамин Нетанјаху | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Светските лидери имаат поделени ставови за нападот на САД врз три ирански нуклеарни постројки.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, го нарече нападот „историски момент“ и изрази благодарност до претседателот Трамп за „храбрата одлука“. Нетанјаху изјави дека нападот ќе го промени текот на историјата и ќе го спречи Иран да стекне најопасно оружје.

„Честитки, претседателе Трамп. Вашата смела одлука да ги таргетирате нуклеарните постројки на Иран со импресивната и праведна моќ на Соединетите Американски Држави ќе ја промени историјата…“

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арахчи, на социјалната мрежа „X“ изјави дека нападот претставува сериозно кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право. Тој предупреди на „вечни последици“ и нагласи дека Иран „ги резервира сите опции“ за одбрана на својот суверенитет и интереси.

„Соединетите Американски Држави, членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, извршија сериозно кршење на Повелбата на ОН, меѓународното право и (Договорот за неширење на нуклеарно оружје) со напаѓање на мирни нуклеарни инсталации на Иран. Настаните утрово се скандалозни и ќе имаат трајни последици. Секоја членка на ОН мора да биде вознемирена поради ова исклучително опасно, беззаконие и криминално однесување“

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази „длабока загриженост“ за употребата на сила од страна на САД, предупредувајќи дека ова претставува опасна ескалација во веќе напнатата регија. Тој повика на воздржаност и дијалог за да се избегнат катастрофални последици.

„Сериозно сум вознемирен од употребата на сила од страна на Соединетите Американски Држави против Иран денес. Ова е опасна ескалација во регион кој е веќе на работ – и директна закана за меѓународниот мир и безбедност. Постои растечки ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола – со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот. Ги повикувам земјите-членки да ја деескалираат тензијата и да ги исполнат своите обврски според Повелбата на ОН и другите правила на меѓународното право.“

Некои европски лидери, како премиерот на Велика Британија, Кир Стармер исто така повикаа на деескалација и враќање на дипломатскиот процес.

„Иранската нуклеарна програма е сериозна закана за меѓународната безбедност. На Иран никогаш не може да му се дозволи да развие нуклеарно оружје и САД презедоа мерки за ублажување на таа закана. Ситуацијата на Блискиот Исток останува нестабилна, а стабилноста во регионот е приоритет. Го повикуваме Иран да се врати на преговарачката маса и да постигне дипломатско решение за да се стави крај на оваа криза,“ вели британскиот премиер Кир Стармер. 

Кубанскиот претседател Мигел Диаз-Канел вели дека нападот ја крши Повелбата на ОН и меѓународното право.

„Остро го осудуваме бомбардирањето на нуклеарните постројки на Иран од страна на САД, што претставува опасна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Агресијата сериозно ја крши Повелбата на ОН и меѓународното право и го турка човештвото во криза со неповратни последици.“ објави тој на социјалната мрежа Х.

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Гил, исто така ја осуди воената агресија.

„Венецуела ја осудува воената агресија на САД против Иран и бара итно прекинување на непријателствата. Венецуела цврсто и категорично го осудува бомбардирањето извршено од војската на Соединетите Американски Држави, на барање на Државата Израел, врз нуклеарните постројки во Иран, вклучувајќи ги комплексите Фордоу, Натанц и Исфахан“ напиша на Гил на Телеграм.