Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа, 28 април, годинава се одбележува во услови на глобална здравствена криза од корона вирусот.

Фокусирајќи се на пандемијата на Ковид-19, овој ден се одбележува под слоганот „Да ја запреме пандемијата: Безбедноста и здравјето при работа можат да спасат животи!“

„Работниците и работодавачите се изложени пред огромни и неочекувани предизвици, обидувајќи се да се заштитат и да се справат со заканата од ширењето на вирусот и последиците од заболувањето. Заштитата на здравјето на работниците и на населението во целост, во овој период е нашиот врвен и главен заеднички приоритет. Токму во ова време на пандемија, преземањето на соодветни мерки во областа на безбедноста и здравјето при работа (БЗР) има можеби и една од најважните улоги во превенцијата и спречувањето на ширењето на заразата, а со тоа и во заштитата на здравјето на работниците и воопшто, на целата популација“, соопшти Министерството за труд и социјална политика, МТСП.

Се додава дека сите на различни начини се силно погодени од оваа неочекувана сосотојба на криза, затворени бизниси, намалени или нарушени деловни процеси, рестрикции во движењето и патувањето, затворени образовни и културни институции и други мерки кои имаат директно и драстично влијание врз работниците и претпријатијата.

„Особено е важно работодавачите да ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на здравјето на вработените и да превенираат пренесување на заразата, особено во услови кога се очекува постепено релаксирање на мерките и забраните донесени од Владата. Исклучително е важно менаџирањето со ризиците да се прави на начин без да се загрозува постигнатиот напредок во ограничувањето на заразата и ширењето на вирусот“, соопштија од МТСП.