Светскиот ден на злоупотреба на детскиот труд е прогласен од Меѓународната организација на трудот (МОТ) во 2002 година, со намера да се подигне свеста за милионите деца ширум светот кои, наместо да учат и да си играат, се принудени да работат во тешки и опасни услови, објавува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Детски труд е секоја работа која го спречува детето да оди на училиште, која му штети на физичкиот или менталниот развој, или која е извршувана во услови опасни по живот и здравје. Според последните податоци на МОТ и УНИЦЕФ, повеќе од 160 милиони деца ширум светот се вклучени во некаков облик на труд, а повеќе од половината од нив се изложени на особено опасни услови. Тоа значи дека секое десетто дете на планетата не ужива во своето детство. Наместо книги, нивните раце држат алат. Наместо во училница, тие се наоѓаат на полиња, во рудници, на улици или во фабрики. Овие деца се лишени од основното право на безбедно детство и образование. Приближно 160 милиони деца на возраст од 5 до 17 години се вклучени во детски труд, што претставува речиси 10 отсто од глобалната детска популација“, пишува во објавата на ИЈЗ.
Како што се додава, 79 милиони деца се вклучени во опасна работа што претставува значителен ризик за нивното здравје, безбедност или морал. Во Африка има најголем број деца-работници, со 72 милиони деца, што претставува 20 отсто од детската популација на континентот. Во Азија и Пацификот приближно 62 милиони деца се вклучени во детски труд, што претставува 7 отсто од сите деца во регионот. Во Америка 11 милиони деца се вклучени во детски труд, а во Европа и Централна Азија вклучени се 6 милиони деца. Во арапските држави, пак, засегнати се 1 милион деца.
„Значителен дел од детскиот труд се јавува во земјите со среден приход, со 84 милиони деца, што претставува 56% од вкупниот број деца во светот. Мотото на Светскиот ден против злоупотреба на детскиот труд за 2025 година гласи: „Напредокот е очигледен, но има уште многу да се направи: Да ги забрзаме напорите!“ Ова мото ни укажува дека иако во последниве години се постигнати значителни резултати, како што се намалување на бројот на деца вклучени во тежок труд и зголемување на глобалната свест, борбата сè уште не е добиена. Предизвиците се големи, а времето не е на страната на децата кои секојдневно страдаат. Причините за детскиот труд се комплексни и длабоко вкоренети. Сиромаштијата е најчестиот фактор, бидејќи родителите, принудени од тешки економски услови, ги вклучуваат децата во работа за да го зголемат семејниот приход“, се наведува во објавата.