Светски ден на животната средина: Половината од произведената пластика е за еднократна употреба

Годинава, фокусот е ставен на отпадот, особено пластиката, како потсетник дека активностите на луѓето за намалување на загадувањето на природата се важни, како и дека транзиција кон кружна економија и чекорите што владите и бизнисите треба да ги преземаат мора да се забрзаат

Photo by Brian Yurasits on Unsplash

Под мотото „Време е да го победиме загадувањето од пластиката“ (It is time to #BeatPlasticPollution), денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина. Годинава, фокусот е ставен на отпадот, особено пластиката, како потсетник дека активностите на луѓето за намалување на загадувањето на природата се важни, како и дека транзиција кон кружна економија и чекорите што владите и бизнисите треба да ги преземаат мора да се забрзаат.

Од Центарот за климатски промени апелираат дека секој граѓанин може да го даде својот придонес со едноставни активности кои сепак имаат голем импакт.

„На овој Светски ден на животната средина, ајде да се здружиме и заедно да се бориме против климатските промени. Намалете го отпадот и рециклирајте за да ги намалите емисиите на CO2, заштедете енергија со користење на енергетски ефикасни уреди и прифаќање на обновливите извори, одлучете се за одржлив транспорт, како возење велосипед за да го намалите загадувањето“, апелираат од Центарот за климатски промени.

Фото: https://www.worldenvironmentday.global/

Оттаму советуваат граѓаните во секојдневниот избор на храна да претпочитаат локално произведени продукти со ниска содржина на јаглерод и да садат дрвја во својата околина кои ќе апсорбираат CO2.

Министерката за животна средина, Каја Шукова денеска апелираше отпадот треба да го гледаме како ресурс, а не како ѓубре.

„Од линеарна економја-произведи, употреби и фрли, мора да преминеме кон циркуларна, а целта да ни биде да го селектираме сето она што може да се реупотреби. На депонија смее да заврши само она што нема упoтребна вредност. Со тоа го намалуваме отпадот и добиваме суровина“, рече Шукова.

С. Македонија од декември 2021 година забрани употреба на пластични кеси, а во маркетите се достапни само биоразградливи кеси кои се продаваат за 15 денари. Средствата кои се собираат од нив се со посебна намена за инвестиции во животната средина. Сепак, пластиката за еднократна употреба е се уште присутна насекаде, а со пакетот закони со кои се регулира третманот на отпадот и отпадот од пакување во земјава беа забранети само во заштитените подрачја.

Според последните истражувања, во светот секоја година се произведуваат околу 400 милиони тони пластичен отпад, а до 2050 година глобалното производство на пластика се предвидува да достигне 1.100 милиони тони. Во една минута се купуваат еден милион пластични шишиња. Секоја година се користат до пет билиони пластични кеси, а половината од произведената пластика е за еднократна употреба.

Светскиот ден на животната средина е креиран од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се одбележува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.