Светски ден на дивиот свет: за половина век преполовена популацијата на цицачи, птици, риби, водоземци и влекачи

Фото: Обединети нации

Балканскиот рис, кафеавата мечка, волкот, чакалот, видрата, белоглавиот и египетскиот мршојадец, змии, гуштери, желки, жаби, но и многу растенија, птици и габи се дел од Националната црвена листа на С. Македонија. Планетата денеска го одбележува Светскиот ден на дивиот свет воспоставен од Обединетите нации, кој годинава се одбележува со фокус на потребата од „Закрепнување на клучните видови за обнова на екосистемите“.

На денот што целиот свет го користи за подигање на свеста за дивите животни и растенија во светот, се потсетуваме дека во земјава има само четириесетина возрасни единки на балканскиот рис, иако за неговиот опстанок се работи активно повеќе од една деценија. Земјава веќе загуби два вида мршојадци, а популацијата на белоглавиот и египетскиот е десеткувана.

Со години трае и кампањата за заштита на истребување на охридската пастрмка. Екосистемите и природните живеалишта на сите овие видови со децении наназад се нарушени од многубројни дејствија на човекот, но и како последица на климатските промени. Тие директно доведуваат до опасност од исчезнување на илјадници видови диви животни.

Според податоците на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), над 8.400 видови дива фауна и флора се критично загрозени, додека околу 30.000 други се сметаат за загрозени или ранливи. Врз основа на овие проценки, се сугерира дека над милион видови се загрозени до истребување.

Светската организација за заштита на природата, по повод Светскиот ден на дивиот свет – 3 Март, потсети на важноста да се заштитат растенијата и животните за зачувување на планетата.

„Причините за намалување на биодиверзитетот се многубројни, ги вклучуваат деградација на природните живеалишта, прекумерно користење природни ресурси, климатски промени, како и незаконити трговија и убивање на дивите видови. Последниот извештај за животот на планетата на Светската организација за заштита на природата, ни покажува дека во последните 50 години, популацијата на цицачи, птици, риби, водоземци и влекачи се намали за дури 68 проценти“, изјави претставничката на Светската организација за заштита на природата Адрија, Ива Свилар.

Поради тоа, како што наведе Свилар, важна е грижата за дивиот свет и нивните живеалишта. Заканата за дивиот свет е злосторство против природата, што вклучува незаконити лов и риболов, убивање заштитени видови, незаконити трговија и криумчарење, како и незаконито фаќање и поседување диви животни.

Континуираната загуба на видови, живеалишта и екосистеми, го загрозува целиот живот на Земјата, вклучително и опстанокот на луѓето. Тие насекаде се потпираат на дивиот свет и ресурсите засновани на биодиверзитетот за да ги задоволат сите свои потреби, од храна до гориво, лекови, домување и облека. Милиони луѓе исто така се потпираат на природата како извор на средства за живот и економски можности.

Годинава, Светскиот ден на дивиот свет треба да ја поттикне дебатата од потребата да се смени судбината на најкритично загрозените видови, да се поддржи обновувањето на нивните живеалишта и екосистеми и да се промовира нивната одржлива употреба од човештвото.

Светскиот ден на дивиот свет со одлука на Обединетите Нации се одбележува од 2013 година, кога Генералното собрание го прогласи 3 Март како ден кога е извршено потпишувањето на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора (CITES).