Годишно во светот умираат 4,2 милиони луѓе од последиците на загадениот воздух, а речиси 91 процент од светската популација живее во услови на загаденост, рече Марко Мантованели директорот за регионот на Европа и Централна Азија на Светска банка на денешната регионална конференција за земјите од Западен Балкан  „Управување со квалитетот на воздухот на Западен Балкан – Прашања, решенија и можности за финансирање“.

Тој истакна дека Светската банка ќе им помогне на овие држави конечно да поминат од само анализирање на проблемите кон конкретно решавање на проблемите со загадувањето на животната средина, како најважни притоа истакнувајќи ги проблемите со несоодветните системи на загревање на домаќинствата и сообраќајот, но и големата зависност од јагленот како суровина за добивање на електрична енергија.

– Покренуваме регионална иницијатива заедно со Светска банка да направиме една група или „таск форс“ за регионално да почнеме да го решаваме проблемот на аерозагадувањето, бидејќи сите околни земји имаат исти или слични причини за загадувањето, без оглед дали станува збор за начинот на загревањето или влијанието на индустријата и затоа е подобро заеднички да настапиме, не само во мобилизирање на енергијата, туку и на планот на заеднички настап кога се во прашање финансиите потребни за справување со аерозагадувањето – рече заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Слични ни се начините на справување, рече Макрадули, посебно во делот на замена на изворите на затоплување, зголемен мониторинг на загадувањето и прочистувачи за најранливите категории на граѓани. Тој истакна и дека се надева дека ќе успее во намерата да бидат мобилизирани повеќе средства за реализација на Планот за чист воздух.

Откако новинарите побараа објаснување колку точно сега Македонија одвојува од буџетот за теми поврзани со справување со аерозагадувањето, Макрадули појасни дека за конкретна реализација на Планот за чист воздух се издвоени 1,6 милиони евра, делот за гасификацијата изнесува 24 милиони евра, има дел кај Министерството за економија наменет за енергетска ефикасност, за водовод и канализација износот е 50 милиони евра, а во тој список го вброи и износот намнет за пречистителната станица во Скопје од 120 милиони евра, која, според Макрадули, исто така ќе придонесла во борбата со аерозагадувањето.

Новинарите го прашаа Макрадули и до кога во своите говори ќе го спомнува греењето на студентскиот дом „Кузман Јосифовски“ во Скопје, кога тој сè уште се загрева на нафта.

– Таму пропаднаа неколку тендери, јас не можам да кажам дека овој процес не оди споро и ја делам одговорноста бидејќи ветивме промена на системот за греење таму, но во текот на зимата тоа ќе биде решено – рече Макрадули правдајќи се со долгите адинистративни процедури во јавните набавки.