Северна Македонија се справува со најдлабоката рецесија од 2001 година наваму, се вели во Редовниот извештај на Светска банка за економските изгледи на државата. Во него се прогнозира пад на БДП од 4,1 отсто.

„Пандемијата тешко ја погоди економијата: карантинот, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка ситуација од летото уште повеќе ги влошија веќе неповолните изгледи. Програмите за поддршка што ги обезбеди Владата до некаде ги ублажија влијанијата врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни со приближувањето на долгот до 60 проценти од БДП. Краткорочните изгледи по 2020 година се позитивни, но со нагласени ризици: фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена, а продолжениот период на политики на социјално дистанцирање ќе ги погоди фирмите, приходите на домаќинствата и расходите за здравствена заштита. Иако економските и социјалните мерки за ублажување на кризата ќе бидат главен приоритет, важно е да се продолжи со неопходните среднорочни реформи (фискални, конкурентноста, животната средина и добро јавно управување) за да се постигне одржливо закрепнување и пристапување кон ЕУ,“ се главните забелешки во овој извештај.

Во него се додава дека трговијата, туризмот и транспортот што го движеа растот во последните неколку години заедно се намалија за 12,3 проценти – туризмот едноставно запре. Намалувањето на градежните активности во приватниот сектор беше амортизирано со инвестиции во патишта што имаше позитивен придонес кон растот.

„Имаше и големо намалување на страната на побарувачката бидејќи приватната потрошувачка опадна за 5,6 проценти, а бруто инвестициите за 11,3 проценти; извозот, од кој 80 проценти се поврзани со странските инвестиции, опадна за 18,8 проценти. Соодветното намалување на увозот го ублажи притисокот врз надворешнотрговскиот биланс кој главно остана непроменет во однос на 2019 година,“ се вели во извештајот.

Во него се додава дека „закрепнувањето на трговијата ќе биде бавно, а индустриското производство и понатаму е пониско за околу 9 проценти. Иако поддршката од властите ги амортизираше влијанијата од кризата врз пазарот на трудот, за прв пат од 2011 година се зголеми стапката на невработеност, на 16,7 проценти.“

До крајот на годината фискалниот дефицит се очекува да се зголеми за три пати до 6,3 проценти од БДП, 6 до август тој веќе беше 5,2 проценти.