fbpx

Светска банка не споменува можност од рецесија во Северна Македонија

-

„Вистиномер“ направи проверка на тврдењето од ВМРО-ДПМНЕ дека според Светска банка земјата се движи кон рецесија и притоа се доаѓа до оценка дека такво тврдење нема. Нема ниту во оригиналниот извештај од десетина странци ниту во новинските извештаи од презентацијата на извештајот на прес-конференција во Скопје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

ВМРО-ДПМНЕ ја искомуницира јавноста преку соопштение во кое може да се забележи невистина:

Според Светска Банка Македонија ја очекува рецесија, СДС ја влече Македонија во банкрот, секоја година долгот поголем од растот за над 100 милиони евра.

Според Светска Банка Македонија има највисока инфлација до сега, но и најнизок раст на БДП.

СДС ја влече Македонија во бездна, банкрот и иселување.

[ Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Според СБ Македонија ја очекува рецесија/веб;  Датум: 25.10.2022]

 

Образложение:

Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ ја искомуницира јавноста со свои ставови во врска со последниот есенски извештај на Светска банка за проценка на економската состојба и очекувањата на земјите од Западен Балкан за во иднина, каде што се проценува и Северна Македонија, при што може да се констатира невистина.

Имено уште во насловот на соопштението и во првата речница се тврди дека според Светска банка Македонија ја очекувало рецесија и понатаму се продолжува со наративот дека сите оценки, почнувајќи од високата инфлација, нискиот раст на БДП и други параметри, се всушност реален одраз и резултат на политики што ги води владејачката партија – СДСМ.

Според Светска Банка Македонија ја очекува рецесија, СДС ја влече Македонија во банкрот, секоја година долгот поголем од растот за над 100 милиони евра…. Пет години како СДС е власт, јавниот долг е зголемен за повеќе од 2,5 милијарди евра. Секоја година генерираат нов долг од над 500 милиони евра. А во исто време растот на БДП е околу 400 милиони. Секоја година со СДС повеќе се задолжуваме отколку што има раст економијата.

Но, првото тврдење во оваа реченица, содржано и во насловот не може да се сретне во самиот извештај на Светска банка, кој за земјава е преведен и објавен и на македонски јазик.

Проверката на „Вистиномер“ утврди дека зборот рецесија не се употребува ниту еднаш во извештајот, дури ни во делот каде се правата среднорочни проценки. „Најтешката оценка“ во тој дел е содржана во делот Изгледи и ризици на стр.6 од Извештајот:

Растот на домашната активност на среден рок се очекува да биде умерен, а надолните ризици остануваат зголемени. Проектираниот раст на БДП за 2022 година е намален на 2,1 проценти бидејќи енергетската и украинската криза продолжуваат негативно да влијаат врз домашната економија…

Како и:

Во услови на зголемен ризик од стагфлација, земјата треба да започне со реализација на реформи кои можат да го поттикнат потенцијалниот раст на среден рок.

Дека СБ не проценува дека земјата е соочена со рецесија може да се види и од дел од бројните медиумски извештаи од настанот, т.е. од претставувањето на извештајот на прес-конференција во Скопје.

Неколку од новинарските извештаи, како овој што го презентираме тука од прес конференцијата, започнуваат уште и во насловот и во главата на веста со иста реченица – рецесија не се очекува:

Наслов: Светска банка не очекува рецесија во Македонија, но не исклучува квартален негативен раст

Глава на вест: Светска банка не очекува да се случи рецесија во  Македонија во однос на севкупниот учинок, иако е можен квартален негативен раст, а тоа може да биде видливо дури и оваа година.
Сепак, како што посочија експерти на Светска банка кои денес во Скопје го презентираа најновиот есенски економски извештај за земјите од Западен Балкан, предвидувањата се неблагодарни заради тоа што нештата брзо се менуваат и тоа не на подобро. (Извор: „Независен“)

Истото може да се забележи и ако се направи преглед на насловите и вестите на агрегаторот за вести Тајм.мк, под пребарување на поимот Светска банка за периодот од 19 – 25. 10.2022 и ако се погледнат вестите на дел од националните телевизии (тука и тука) или други онлајн медиуми (тука).

Во извештајот од прес-конференцијата што е најдетално објавен од онлајн медиумот „Независен“, се објавуваат и други параметри од проценката на Светска банка за Северна Македонија:

Северна Македонија има најсилен пакет од сите шест земји во смисла на поддршката која што се дава на фирмите и на домаќинставата гледано од фискална страна. Ако се погледне износот од 750 милиони евра севкупно, тоа е повеќе од 5 отсто од БДП и ова е моментално најголем пакет на фискален одговор на кризата“, рече Маџаревиќ–Шустер….

… Иако растот во првата половина на 2022 година се покажа како релативно силен, јасно е дека регионот сега се движи во нова бура“, рече Сања Маџаревиќ-Шустер, виш економист на Светска банка и главен автор на извештајот. „Комбинација од шокови силно влијае на изгледите на регионот. Построгите услови за глобално финансирање, забавувањето и на домашната и на надворешната побарувачка, како и слабеењето на довербата на бизнисот и на потрошувачите сигурно ќе влијаат на финансискиот сектор во регионот

Наспроти наративот од соопштението на партијата, од презентацијата на извештајот може да се види дека намалениот раст, инфлацијата и други негативни трендови се генерално последица на есктерни фактори, меѓу другите и на војната што се води во Украина која влијае на сите земји каде што се прави проценка, како што е тоа споредбата на пример на Македонија и Србија, каде се нагласува дека Србија сепак не ги спроведува санкциите кон Русија поради што е помалку изложена на факторот цени на енергенси врз севкупната економија.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека тврдењето во соопштението на партијата околу рецесијата е невистина.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...