Светот како да се подготвува за војна, оценува Горбачов

Последниот лидер на СССР, Михаил Горбачов, смета дека најголем од многуте проблеми што ги има светот е милитаризирачката политика и новата трка во наоружување.

Горбачов во својот коментар за магазинот „Тајм“, наведува дека политичарите и воените лидери звучат сè повоинствено, а одбранбените доктрини стануваат сè поопасни.

„Аналитичарите и телевизиските личности се придружуваат кон воинствениот хор. Изгледа како светот да се подготвува за војна“, вели Горбачов.

Човекот кој го водеше Советскиот сојуз од 1985 година до неговиот распад во 1991 година, вели дека проблемот мора итно да се реши и предупредува дека моментот за дејствување веќе е пристигнат затоа што НАТО и Русија сè повеќе го приближуваат вооружувањето еден кон друг.

„Наместо тероризмот да биде прв приоритет, фокусот би требало да биде на спречување војна, на запирање на трката со вооружувањето и на намалување на арсеналот“, вели Горбачов.

Тој го повикува Советот за безбедност на Обединетите нации да усвои резолуција во која ќе стои дека „нуклеарната војна е неприфатлива и дека не смее никогаш да почне“.

„Луѓето кои треба да ја протуркаат таа резолуција се Доналд Трамп и Владимир Путин, кои заедно контролираат повеќе од 90 отсто од светското нуклеарно вооружување“, вели Горбачов.

Во рацете на Трамп од пред неколку дена се кодовите за нуклеарно вооружување, што новиот американски претседател го опиша како „нешто многу застрашувачко“.