Светот годишно троши 1,8 трилиони долари во субвенции што ѝ штетат на животната средина

Фото: Marcin Jozwiak on Unsplash

Човекот го финансира сопственото исчезнување од планетата преку субвенции што им штетат на климата и животната средина, открива најновата студија за која пишува британскиот весник Гардијан. Најмалку 1,8 трилиони годишно, односно 1.800 милијарди долари се трошат низ целиот свет за субвенции кои доведуваат до уништување на дивиот свет и пораст на глобалното затоплување.

Станува збор за најразновидни проекти низ светот, поаѓајќи од даночни олеснувања за производството на говедско месо во Амазон до неодржливи системи за испумпување на подземни води во Блискиот Исток, за кои државите трошат по милијарди долари годишно на субвенции, се наведува во студијата која што дава прва меѓусекторска проценка на оваа тема по повеќе од една деценија.

Притоа, најголем дел од ваквите штетни субвенции на годишно ниво се насочуваат кон индустријата за фосилни горива (620 милијарди долари), земјоделството (520 милијарди долари), водите (320 милијарди долари) и шумарството (155 милијарди долари). Ваквата државна поддршка е еднаква на дури 2 проценти од глобалниот бруто домашен производ.

Токму овозможувањето на овие субвенции доведува до уништување на шумите, загадување на водите, загуба на биодиверзитетот и слични негативни последици во глобални размери. Изготвената студија ги повикува владите низ светот до крајот на оваа деценија да ги укинат еколошки штетните субвенции и да ги пренасочат кон остварување на целите од Парискиот договор за климатски промени.

Ваквиот предлог би можело да претставува едно од решенијата за политичките поделби на земјите во однос на тоа кој треба да ги финансира трошоците за намалување на емисиите на стакленички гасови коишто треба да се преземат во секое општество одделно, а коишто чинат милијарди долари.

„Штетните субвенции мора да се пренасочат кон заштита на климата и природата, наместо кон финансирање на нашето сопствено истребување“, изјави Кристијана Фигуерес, која беше раководителка на Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени во периодот кога се потпиша Парискиот договор.

За штетноста на субвенциите говори и Меѓународниот монетарен фонд, кој во извештај од минатата година посочува дека индустријата за фосилни горива во 2020 година преку субвенциите имала корист во износ од 5,9 трилиони долари, додека друг извештај на Обединетите Нации вели дека речиси 90 отсто од субвенциите што државите им ги даваат на земјоделците на годишно ниво ја поттикнуваат климатската криза, се штетни за човековото здравје или ја поттикнуваат нееднаквоста кај помалите земјоделски работници.