Светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавањето на Холокаустот

На церемониите учествуваат повеќе од 50 поранешни затвореници од Аушвиц-Биркенау и други логори. Четворица од нив треба да одржат говор попладнево

Фото: Државниот музеј Аушвиц-Биркенау

Светот денеска го одбележува Меѓународниот ден на сеќавањето на Холокаустот и им оддава почит на милионите луѓе што ги изгубија своите животи во логорите на смртта. Со одлука на Обединетите нации 27 јануари се одбележува како ден кога им се оддава почит на жртвите оти на овој ден беше ослободен концентрациониот логор во Аушвиц.

Полскиот претседател Анджеј Дуда се обрати во чест на жртвите на нацистите на меморијалниот центар Аушвиц-Биркенау денеска кога започна комеморацијата за 80 годишнината.

„Ние Полјаците, на чија земја окупирана од нацистичка Германија беше изградена оваа индустрија за истребување и овој концентрационен логор, денес сме чувари на меморијата“, рече Дуда.

На почетокот на церемонијата по повод 80 години од ослободувањето на поранешниот концентрационен логор кон крајот на Втората светска војна, Дуда положи венец на Ѕидот на смртта, придружуван од поранешни затвореници.

Илјадници затвореници беа застрелани пред ѕидот. На церемониите учествуваат повеќе од 50 поранешни затвореници од Аушвиц-Биркенау и други логори. Четворица од нив треба да одржат главен говор попладне. Со оглед на нивната напредна возраст, тоа можеби е една од последните големи церемонии на кои може да учествуваат преживеаните. На комеморацијата присуствуваат делегации од 55 земји. Германија ја претставуваат двајцата врвни политичари, канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова апелираше да се воспостави традиција за организирани посети на Треблинка во чест на трагичната судбина на македонските Евреи кои завршиле во логорот.

Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска упати порака до еврејската заедница во земјава.

„Никогаш нема да ги заборавиме шест милиони човечки животи загубени во виорот на темните сили на историјата меѓу кои беа и 7.144 македонски Евреи, депортирани во кобната 1943 година во логорите на Треблинка. Од овие логори на смртта немаше ниту еден преживеан“, пишува Трајковска во пораката.