Светлана Алексиевич на фестивалот „BookStar“: Потресни искажувања за војната во Украина

Извор на фотографија: Антолог

На третиот ден на фестивалот за европска литература „BookStar“ којшто се одржува во Скопје, вниманието на публиката го привлече разговорот со познатата белоруска авторка Светлана Алексиевич, која е годинашната добитничка на наградата „BookStar“ за нејзиниот роман „Војната нема женско лице“. Разговорот со неа го водеа Андреј Јованчевски и Лидија Танушевска, информираат од „Антолог“.

Алексиевич, која е родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка, е препознатлива по нејзините книги преведени на повеќе од 30 јазици. Тие биле основа на десетина драмски поставки и дваесетина филмски екранизации.

Алексиевич во онлајн разговорот пред бројната публика во Скопје зборуваше за своето пишување, за преводите, за наградите, за потресните приказни на обични луѓе со кои се сретнува и кои се инспирација за нејзините книги, но најмногу зборуваше за најболната точка од поновата историја, актуелната војна во Украина, видно потресена од настаните.

„Ви благодарам што толку многу ја цените мојата работа и извинете што не можев да дојдам“, изјави Светлана Алексиевич.

Таа се задржа и на нејзиниот роман „Војната нема женско лице“, којшто добива нова светлина со војната во Украина.

„Знаете, дознав дека има многу жени во украинската армија, дури има и мал белоруски одред, составен од жени што поминуваат обука и се подготвуваат за војната. Многу од нив ја имаат читано „Војната нема женско лице“ и се надевам дека книгата им дава сила. Не мислам дека ги исполнува со омраза, би сакала да ги исполнува само со сила. Оваа книга започна со мојата новинарска работа. Секаде каде што заминував по новинарски задачи – а во тоа време многу се пишуваше за војната – секаде ги слушав машките приказни. Жените како да ги немаше, мажите ги истиснуваа на втор план. Дури кога ќе влезеш во некој дом, каде што војувале и мажот и жената, мажот цело време ја истерува жената во кујна, не ѝ дава збор: „Оди направи чај, оди исечи колач, јас ќе раскажам сè што треба“. И кога жената ќе заминеше во кујна, ќе прашав: „Зошто правите така?“ А одговорот беше: „Што ќе ви каже таа? Што може жена да ви раскаже?“ Таков беше машкиот однос. Мажите, може да се каже, ја имаа украдено победата од жените по војната“, изјави Алексиевич низ разговорот.

Алексиевич е добитничка на огромен број награди, а за нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.

„Пред многу години бев зачудена кога во дневниците на Толстој, пишувани по „Ана Каренина“ и по „Војна и мир“, се соочив со следниве зборови: „Наскоро на писателот ќе му биде срам да измислува живот, а ќе стане важно да се запишува онаков каков што е, да се слушаат и запишуваат самите луѓе.“ И би рекла дека јас спаѓам во редот на тие писатели, а кога зборуваат дека тоа наводно не е литература – тие луѓе се замрзнати во стариот свет, а вие гледате како светот се менува. Што е ликовната уметност, да речеме? Денес таа е веќе поинаква, бара други форми, на кои веќе сме навикнати. А книжевноста, од некоја причина, сакаме да ја затвориме во старите форми“, спомена Светлана Алексиевич.

Организаторите на „BookStar“ велат дека публиката годинава масовно ги посетила деновите од фестивалот и констатираат дека ова е најуспешното фестивалско издание досега.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Градот Скопје, книжевната мрежа Традуки, Европската Унија, Такси Глобал а одделни настани и од Исландскиот фонд за култура, Европската награда за литература, Романскиот институт за култура, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Амбасадите на Италија, Словачка и на Романија во Република Северна Македонија.