fbpx

Сведоштва од Украина: „Ние се криеме во подруми и скривалишта, а тие пукаат во нас“

-

„Не знам како да го опишам преку зборови, не знам како да го вметнам во зборови она што го чувствуваме, она што се случува овде. Ние се криеме во подруми и скривалишта, а тие пукаат во нас.“ Со овие зборови Марина Соловеи, која што во моментов се наоѓа во Киев, а инаку е поранешна учесничка на натпревари за убавина на домашно и светско ниво, накратко го опишува искуството од руската воена инвазија на нејзината земја.

Младата Марина е една од двете украински државјанки со коишто Мета.мк стапи во контакт за да нѝ раскажат како ја преживуваат војната што е во тек.

Иако поминаа веќе девет дена откако започна воениот напад на Русија врз Украина, руските трупи не се повлекуваат, со што расте бројот на загинати и повредени лица.

Откако започна воената агресија, Украина беше нападната од повеќе правци, на нишан се најдоа повеќе градови, а исклучок не беше ниту Киев. Украинскиот главен град со денови е изложен на гранатирања, со експлозии чијишто татнежи биле почувствувани и слушнати и во скривниците две нивоа под земја, јавуваат дописниците на странските медиуми. Досега во Киев беа погодени станбени згради, телевизиска кула, аеродроми и бројни инфраструктурни објекти. Бројот на загинати и повредени секојдневно расте.

Животот на многу Украинци и Украинки, кои до пред помалку од десетина дена живееја нормален живот, засекогаш се смени. Нивниот секојдневен живот добива нова форма, која повеќе делува налик прежувување во постојан страв од следната експлозија, страв за себе, страв за блиските и желба сето ова да заврши.

Марина ни објаснува дека е родена во украинскиот град Мариупол, но сега живее и работи како професионален кореограф во Киев. Целото нејзино семејство во текот на воената инвазија останало во нејзиниот роден град, којшто е стратешко пристаниште на Азовското море кое деновиве е жестоко гранатирано од руската војска.

Таа вели дека го има пропатувано светот со својата танцувачка група, а исто така својата земја ја има претставувано на меѓународниот натпревар за избор на „Мис модел туризам во светот“.

„Знам дека светот е убаво и пријателско место. Ја имав честа да ја претставувам мојата земја и сум многу горда на тоа. Многу ја сакам својата држава и сега се наоѓам во Киев без оглед на сѐ што се случува моментално и во однос на последователните ужаси, јас одлучив дека нема да напуштам и да си заминам“, посочува Марина во изјавата за Мета.мк.

На нашето прашање како е да се живее таму сега, кога градот е изложен на постојани воени напади, таа вели дека е многу страшно, се чувствува страв и депресија меѓу луѓето.

„Се плашам. Навистина се плашам дури и за ова што го кажувам, но не е возможно да се остане тивок. Веќе два дена немаме никаква комуникација со никој од Мариупол бидејќи тој е под опсада. Тука има многу агресија и е болно да се гледа. Сакам да престане, но не знам што да направам. Правам она што можам сега и од овие услови, префрламе пари, собираме помош, но тоа не е доволно“, раскажува Марина Соловеи.

Марина вели дека секојдневно ѝ пристигаат неубави пораки, поради нејзината отворена сметка за помош, по што била принудена привремено да ја затвори. Заедно со други Украинци, се наоѓаат во подруми од каде се обидуваат да дејствуваат во насоки на помош.

„Кога наоѓаме слободен момент и прилика излегуваме и носиме храна и вода на оние кои не можат самите да си снабдат, вообичаено постарите и болните. Секој ја покажува својата хумана страна и сите кои уште претходно се пријавија како волонтери несебично им помагаат на постарите онака како што најдобро умеат во овие моменти. Ние сме соединети во групи и дејствуваме заедно – едни за други и заедно сите го даваме максимумот од себе за да снабдиме со храна и вода. Изгледа херојски, толку можеме, и иако сме сите под стрес се обидуваме да се држиме со заеднички сили и да останеме поврзани еден со друг“, подвлекува таа.

Речиси целиот свој живот, Марина живеела во југоисточниот дел од Украина. Регионот Донбас е поделен меѓу двете сепаратистички држави – Народните републики Луганск и Донецк, каде што од 2014 година има воени дејствија. Рускиот претседател Владимир Путин најпрво ја потпиша одлуката за признавање на независноста на двете пара-држави, по што следеше почетокот на воениот напад врз Украина.

„Никој не ги очекуваше Русите тука во Киев, тие доаѓаат да ни се одмаздат за Донбас, но јас целиот живот го живеев таму и можам да потврдам дека нема за што да ни се одмаздуваат. Тие нас нѐ убиваа цели осум години и сега ни се одмаздуваат за фактот што нѐ убиваа? Навистина е многу страшно. И многу болно. Многу боли што никој не може да го сопре ова. Украинците се прекрасни луѓе и никој не сака војна. Се плашам да спијам секој ден очекувајќи нов напад. Ова се денови на хорор. Престанете да нѐ убивате! Градовите се претвораат во рушевини и тоа не е нормално“, со горчина порачува Марина.

Таа додава дека секој којшто е заинтересиран и во можност да помогне, тоа може да го стори со донации на следната веб-страница.

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленски завчера на својот профил на Инстаграм сподели видео со емотивна содржина каде преку слики и кратки видеа се доловени моменталните случувања предизвикани од воената инвазија. Видеото започнува со зборовите: „Можеш да го слушнеш, да го видиш, да го почувствуваш тоа ‘сега’. Сега не се работи за зборови, се работи за дејствија.“

Изјавите на Марина го опишуваат животот на една личност од многуте цивили во Украина. Моменталните страдања, болки и трауми тешко се бришат од човековата меморија, дури и по завршувањето на она што ги предизвикува истите. Ситуација во главниот град каде што живее таа не се подобрува. Нападите во Киев не престануваат ниту денес, а последните експлозии го наговестуваат влошувањето на состојбата.

Уште една приказна за војната во Украина ни ја раскажа Зоја Апостолоска. Таа во моментов живее во централниот дел на Украина, во градот Кропибницкиј. Зоја е Украинка со македонско државјанство, бидејќи била мажена за Македонец и осум години живеела во земјава.

„Фала богу, во градот каде што живеам јас има сè, но не е така во другите области што се нападнати. Каде што живеам јас не сме толку стратешки интересни и сè уште не се стигнати кај нас“, вели за Мета.мк Зоја која е мајка на две дечиња.

Во градот каде што живее таа засега има храна и вода. Зоја живее во надеж дека војната ќе заврши што поскоро и дека нема долго да трае, затоа што веќе има многу разрушени објекти и цивилни жртви во градовите кои се по јужно. Зоја има роднини кои живеат во Киев. Една од нив е нејзината тетка.

„Баш во Киев, баш таму каде што се пука имам тетка која стравува за својот живот. Еве петти ден по ред околу неа пукаат бомби и се плашиме“, раскажува Апостолоска.

Таа вели дека омразата кон Русија расте меѓу украинското население.

„Оваа војна не ја очекувавме и многу се сплотија сите. Се надеваме Русите ќе се повлечат и дека ќе ги победиме. Сите се против, не се користи веќе ни руски јазик, ни никој кој ја поддржува Русија“, додава таа.

Зоја по професија е програмерка и би сакала да дојде во Македонија кога би имала можност безбедно да патува, бидејќи не вози автомобил, но поради случувањата движењето меѓу областите не е безбедно. Во моментов е изненадена за тоа што во земјава има голема поддршка за агресијата од страна на Владимир Путин.

„Би сакала најпрвин да кажам дека гледам и читам многу коментари и искрено косата ми се крева и душата ме боли. Не знам зошто многу го поддржуваат Путин. Треба да знаат дека тука нема неонацисти, нема тука некој дојден за да нè брани, туку да нè нападне и да нè уништи. Нè убиваат и градовите нѝ ги рушат и мирното население страда. И сè што зборува руската амбасада и министерствата се лаги. Тие нѝ дојдоа како фашисти и ни прават многу големи злосторства“, вознемирено реагира Зоја.

Таа упатува апел до граѓаните овде кои сакаат да донираат помош за Украина, тоа да го сторат во здружението „Лесја Украинка“, или во консултација со Украинската амбасада во Скопје.

Досега руските трупи имаат нападнато десетици украински градови, како од воздух, така и од земја, а меѓу нив се и милионските Киев, Харкив и Одеса. Тешките борби се водат околу градот Харкив, во областа околу градот Киев, во Мариопул, во градовите Суми и Чернихив, а стравувањата се дека руските воени сили допрва планираат да почнат со улични борби во огромните градови што би довело до хуманитарна катастрофа и огромен број на загинати и повредени лица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...