Сведочења за пожарот во Чаир: Преноќувавме во своите возила додека чад излегуваше од вентилацијата

Еден од вработените во службите за итна помош ни изјави дека меѓу станарите нема лица со сериозни повреди, но сепак има десетина луѓе, меѓу кои и пожарникар, кои биле примени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ поради вдишување чад

-

Добил повик во два часот наутро од пријател кој му рекол дека има пожар во неговата зграда. Расонувајќи се, забележал чад од вентилацијата во неговиот стан на улица „Прохор Пчински“ во Чаир. Зел со себе што стигнал, излегол од зградата и остатокот од ноќта го поминал во своето возило.

Фото: Мета.мк

Ова за Мета.мк го раскажа студент од Турција кој живее во зградата во која ноќеска изби пожар, а опожарен е и дуќанот за електрика „Хороз Електрик“ на приземјето во зградата. И тринаесет часа подоцна, пожарот сè уште е активен.

„Има секаква пластика во продавницата, тешко е да се изгасне. Страв ми е дека цел ден ќе гори“, рече студентот.

Иако локалците рекоа оти пожарникарите стигнале брзо по пријавата за пожарот во 1.55 часот по полноќ, кога екипата на Мета.мк стигна пред зградата црниот чад сè уште се издигаше над зградата додека вода течеше долж улицата. Мирисот на чад се чувствуваше неколку улици пред да се стигне до местото на опожарениот објект. 

„Се разбудив бидејќи чув многу луѓе како ги напуштаат становите. Потоа видов чад како излегува од вц школката. Ги разбудив моите и излеговме. Преспавме кај вујко ми“, ни раскажа млад станар. Тој сам излегол од својот стан со своето семејство, додека други семејства кои подоцна се разбудиле морале да бидат евакуирани од своите тераси и од кровот на зградата. Некои од нив биле евакуирани дури пет часа по избувнувањето на пожарот.  

Фото: Мета.мк

Пожарот го гаснеле 7 возила и 20 пожарникари. На лице место денеска околу 13 часот имаше пожарникарни и амбулантни возила, како и полицајци, кои спречуваа граѓаните да се доближат блиску до зградата. Од полицијата не ги соопштуваа причините за пожарот, а ниту еден од вработените од „Хороз Електрик“ со кого разговаравме не знаеше што се случило. 

Еден од вработените во службите за итна помош ни изјави дека меѓу станарите нема лица со сериозни повреди, но сепак има десетина луѓе, меѓу кои и пожарникар, кои биле примени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ поради вдишување чад.

Стотина лица од пожарот во станбената зграда биле евакуирани, од кои последните биле симнати од кровот на зградата во 6.30 утрово.

„На 02.10.2024 во 01.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на ул. „Серава“ во Скопје. На лице место упатена е екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Поради вдишување на чад до 06.30 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош се јавиле неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник. Во 06.30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, гласи официјалното соопштение на МВР.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)


Новинари: Антонија Јаневска и Борјан Гаговски

Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќта на вештерките“, кој традиционално во западните земји се одбележува на 31 октомври, Новинската агенција „Мета.мк“, во соработка со Книжевниот центар „Антолог“, објавува...